Дела кои се топат во рака

Уметност во снег и мраз

Зимово се изначекавме на прилика да пишуваме на оваа тема, но денес условите изгледаат идеални. Компилација на дела кои сведочат за ефемерноста на уметноста, и на животот. Денес го има - утре го нема, ама важно било убаво.

Во март 2010. Џим Деневан и неговиот тим создале огромно уметничко дело на замрзнатата површина на Бајкалското езеро во Сибир. Спиралните форми кои ги следат пропорциите на математичката низа на Фибоначи се исцртани на 23 километри квадратни, а биле правени во услови на, да, сибирско ниски температури и силни ветрови. Еве го трејлерот кој го прикажува процесот, за филм кој е во подготовка.

Бразилскиот уметник Нел Азаведо во Берлин пак изработил 1,000 мали скулптури од мраз, со намера да го привлече вниманието кон климатските промени на Артикот. Поставката траела додека не се стопила и последната скулптура.

Славниот Хотел од мраз во Шведска секоја година кани уметници кои би дизјанирале нивна сопствена хотелска соба. Победници за 2013 се Естер Августин Шкиц и Никила Керол со проектот „Илуминирано" - отпечатени дискови од мраз одзади осветлени со ЛЕД сијалички, создавајќи илузија на замрзнати прозорци на кои некој нешто напишал или нацртал.

Уметникот Сајмон Бек се здоби со слава на интернет со неговите снежи креации, направени само со гмечење со чевли за снег во свеж снег околу неговиот стан во Лез Арк, скијачки центар во Франција. При работата тој користи компас и лента за мерење, а во просек му се потребни 10 часа за да комплетира еден од овие дизајни.

Сакате да го искусите носталгичното чувство кога како деца сте се фрлале во снегот, правејќи онакви силуети? Освен што можете да го направите во вистински снег, Доминик Харис има направено интерактивна уметничка инсталација „Ангел од мраз" преку која и виртуелно можете да го сторите истото, контролирајќи го „цртежот". Делото во моментов е изложено на Музејот на Викторија и Алберт во Лондон. Тука видеото за него.

26 јануари 2013 - 09:03