Tрамп предупредува: ако Опра стане претседател ќе ги тера Американците да читаат

Во сатиричната колумна која комичарот Енди Боровиц ја пишува за Њујоркер, „Боровиц рипорт“, тој ја дефинира главната линија на раздор помеѓу Трамп и неговата можна конкурентка во претседателските избори 2020 - тој мрази книги, таа има читачки клуб. И тоа би требало да е доволно за Американците кога следниот пат ќе гласаат.

„Ова е жена која ја користи секоја прилика со сила да ги тера луѓето да му се придружат на нејзиниот читачки клуб“, изјавил Трамп. „Ако стане претседател, секој Американец ќе мора да членува во него“.

Тврдејќи дека таа „никогаш не сретнала книга која не ѝ се допаѓа“, тој исто така ја обвини Винфри дека ако стане претседател ќе воведе данок на нечитање, според кој секој оној кој нема да ја прочита препорачаната книга ќе мора да плати две илјади долари годишно.

„Луѓето беа загрижени дека Обама ќе им влегува дома и ќе им го одзема оружјето“, рече Трамп. „Опра ќе ви влегува дома и ќе ви остава книги, а тоа е многу, многу полошо“.

Во коментарите му се придружила и Министерската за образование, Беси ДеВос, која предупредила на опасностите од про-книжевната агенда на Винфри. „Јас цврсто верувам во слободата на избор. А суштински за него е изборот да не се чита“.

9 јануари 2018 - 21:36