Комбинации кои не ветуваат ништо добро

Тензичното пријателство меѓу Т.С.Елиот и Гручо Маркс

Гручо: поп селебрити, дете на имигранти, компулсивен (и дрзок) Евреин од стереотипно пониската класа „забавувачи". Елиот: „книжевен мандарин", католик и антисемит, нобеловец. Што можело тука да тргне наопаку?

Текст во Њујоркер го опишува чудното пријателство помеѓу Т. С. Елиот и Гручо Маркс, кое иако почнало со убаво, многу бргу се претворило во размена на скриено потценувачки и иронични коментари. Дали можело и да се очекува нешто друго од една ваква комбинација на образование, социјална припадност и терсене табиети?

Во десниот агол Томас Елиот, еден од најголемите поети на 20. век чија „Љубовна песна на Џ. Алфред Пруфрок" се смета за ремек-дело на модернизмот, добитник на Нобелова за книжевност во 1948. Во левиот агол Џулиус Хенри „Гручо" Маркс, комичар и телевизиска ѕвезда, познат по цигарата и густите мустаќи, кој едвај завршил седмо одделение и поголемиот дел од младоста се лечел од гонореа заработена од проститутка. Едниот антисемит, другиот Евреин. Што ли можело да тргне лошо тука?

Ли Сигел, кој во моментов пишува биографија на Гручо, наишол на негови приватни писма, меѓу кои и такви кои тој ги разменувал со славниот поет. Сè почнало кога Елиот во 1961 му пишал на Гручо молејќи го за фотографија - овој му испратил, и потоа продолжил да се допишува со него до нивната средба во јуни 1964, кога Гручо и неговата четврта жена Идн отишле кај Елиот на вечера.

Првата тензија во писмата се забележува во она кое следело по известувањето на Елиот дека го закачил портретот на Гручо веднаш до „други славни пријатели како Јеитс и Пол Валери". Но Гручо наместо да се заблагодари на ваквата чест, зајадливо одговорил дека во нов есеј кој го прочитал за Елиот, каде се опишани портретите кои се закачени на ѕидот на неговата канцеларија, не го забележал неговото име, по што Елиот морал да се вади дека авторот веројатно мислел на маслата и акварелите, а не на фотографиите.

Ова е само еден од примерите во кои под почитта и очигледната заинтересираност за другиот, тлее инстинктивно непријателство не кон конкретниот човек, туку кон општествената „ниша" која тој ја претставува. Гручо: поп селебрити, дете на имигранти, компулсивен (и често дрзок) Евреин, кој иако имал големи познавања од различни области сепак завршил во стереотипно пониската класа „забавувачи". Елиот: „книжевен мандарин", католик и антисемит, нобеловец, сето она кое Гручо сакал агресивно да го исмева. Нивното пријателство, слично како и бракот на Артур Милер и Мерлин Монро, како однапред да било осудено на пропаст.

Токму во склоп на бинарноста на нивните карактери, Гручо е оној кој боцка, а Елиот е оној кој се чувствува обврзан да одговори со највисок можен такт, но и со доза пасивна агресија. Во едно писмо Гручо завршува со „Поздрав до твојата прекрасна сопруга, која и да е таа", а Елиот му враќа: „Моја прекрасна жена исто така испраќа поздрави, со тоа што таа не те нарече 'кој и да е' - бидејќи знае кој си. Јас ја воведов во филмовите на браќата Маркс (=да не бев јас, н'цки ќе те знаеше), и таа сега е исто толку голем обожавател колку и јас. Неодамна бевме на „Браќата Маркс одат на Запад" (еден од нивните најлоши филмови), кој го немав гледано порано (=иако тогаш бил стар над 20 години). Секако вредеше (=секако не вредеше)."

Изгледа дека нивното „пријателство" завршило со првата и последна средба во живо, на вечера кај Елиот, на која Гручо цело време инсистирал на анализа на „Кралот Лир" во кој еден од ликовите, Едгар, се преправа во лудак по име Том. До смртта на Елиот во 1965 изгледа дека тие веќе не комуницирале. Веројатно ова соочување ги уверило дека под нивната јавна личност лежи не поинаква, туку токму иста таква приватна личност, која тие ја презирале.

1 јули 2014 - 12:02