Tajниот тунел кој треба да ги поврзе Франција и Британија преку Венеција

Вистински тунел е, само што не е ископан баш помеѓу двете држави, туку помеѓу нивните павиљони на Венецијанското биенале, кое почнува денес, 11 мај.

Лора Прувост официјално ја претставува Франција на Венецијанското Биенале, најпрестижниот уметнички собир на светот, кој за јавноста се отвара денес. Но таа е мажена за Британец, има живеено во Лондон 18 години, а во 2013 ја доби Тарнеровата награда. И иако во моментов е базирана во Антверп, се смета себеси за Британка.

Токму затоа покрај нејзиниот официјален проект на Биеналето таа одлучи да направи и еден неофицијален - тунел под елегантниот француски павиљон во Џардини, кој води под грандиозниот британски павиљон до него. „Секоја вечер го копав без да им кажам на Британците и без да ги известам Французите“, изјавила таа. „Тие сигурно немаше да дозволат, за да не се сруши зградата или нешто слично. Затоа копав навечер, се среќававме во 8 навечер, јас и уште неколкумина, и копавме откако ќе заминеа сите“.

Тунелот е замислен како протест против Брегзит и треба да ја промовира идејата за останување заедно во ЕУ. Уметницата која ја претставува Британија наводно ја прифатила идејата да почне да копа и од нејзината страна и да се сретнат со колешката на средина.

Што се однесува до основниот проект на Прувост, тоа е филм за надреално патување на неколкумина патници од предградијата на Париз до Венеција, на кое марокански волшебник прави масите да левитираат и живи гулаби излегуваат од слики. На крај ликовите пристигнуваат на одредиштето, но со чувство дека реалната цел на патувањето е идеализирано место, на кое никогаш не може да се стигне.

11 мај 2019 - 12:37