Изложба на рани 3Д фотографии

Стереоскопскиот Пикасо

На 22. февруари во музејот Холбурн во англискиот град Бат ќе се отвори изложба необични снимки кои прикажуваат сцени од живото на Пикасо, направени од еден од пионерите на 3Д фотографијата. Меѓу организаторите е и Брајан Меј од „Квин“.

Стереоскопските фотографии, кои одат во пар, прикажуваат една иста сцена, но онака како што ја гледа десното, односно левото око. Така, доколу ги гледате истовремено низ посебно направени „наочари", двете слики се спојуваат во една, како да се во 3Д.

Французот Роберт Гистав Музилат (Robert Gustave Mouzillat) бил основач на компанија која произведувала вакви слики. Во 1950-тите, заедно со татко му, тој создал 3Д фото апарат со кој направил голема збирка фотографии. Неговите контакти со француската влада, особено заради разузнавачката дејност со која се занимавал во текот на Втората светска војна, му овозможила пристап до значајни луѓе и места во Франција. Еден од нив бил и Пикасо, кој во 1957, кога Музилат го сликал, веќе имал светска слава. Овие фотографии сега стигнале до директорот на британскиот музеј Холбурн преку ќерката на Музилат, која му понудила увид во 100,000 стереоскопски снимки од архивата на татко ѝ.

Иако има и други интересни фотографии, како оние на споменици, француски пејсажи, актови и внатрешноста на Елисејската палата, музејот сепак одбрал да ја прикаже токму серијата фотографии со Пикасо, направена во текот на еден викенд во домот на сликарот недалеку од Кан. Фотографирано е неговото семејство, заедно со љубимците, меѓу кои и јазовичарот Лумп, бокесерот Јан и козата Есмералда, но и гостите во вилата меѓу кои Жан Кокто и Пикасовиот биограф Џон Ричардсон. Пикасо е сликан додека работи, но и вон студиото, како на сликата на кој го носи Стетсонот кој му го подарил Гари Купер.

Во проектот на претставување на оваа значајна збирка на британската и светска публика удел имал и Брајан Меј,гитаристиот на Квин, кој е претседател на управата на лондонското Стереоскопско друштво, а напишал и две книги за историјата на ваквиот тип фотографија, базирана на сопствени долгогодишни истражувања.

10 февруари 2014 - 14:23