Слепата пијанистка за која Моцарт напишал концерт

Нов австриски филм, „Госпоѓица Паради“, ја раскажува необичната приказна за жената која откако прогледала почнала да го губи музичкиот талент и општествениот статус. Одлучила дека во мракот сепак се чувствува побезбедно.

Марија Терезија фон Паради била австриска музичарка и композиторка која на рана детска возраст го загубила видот. Татко ѝ, Јозеф Антон Паради, бил министер за трговија и дворски советник на царицата Марија Тереза по која Марија и го добила името. Виртуоз на пијано, таа настапувала по виенските салони, а царицата ѝ обезбедила и доживотна пензија. За неа биле нарачувани и посебни дела, меѓу кои концерт за органа напишан од Салиери и пијано концерти од Моцарт и Хајдн.

Во 1777, по бројни неуспешни обиди да ѝ се поврати видот, 18-годишната Реси (скратено од Тереза) била третирана од тогаш славниот Франц Антон Месмер, германски доктор кој промовирал теорија на тн. анимален магнетизам. Тврдел дека постои природно пренесување на енергијата помеѓу сите живи и неживи објекти, и лечел ментални и други болести со тоа што им ја пренесувал својата биоенергија на пациентите, прикачувал магнети на нивното тело, и со други методи се обидувал да го обнови текот на животната енергија. Се смета дека подоцнежниот тренд на лечење со хипноза произлегува токму од техниките на Месмер, чие име и денес во англискиот јазик е содржано во to mesmerize - некого да занесеш, да фасцинираш, да хипнотизираш.

Се оженил со богата виенска вдовица и лете живеел на огромен имот во близина на градот каде престојувал и дел од пациентите. Бил великодушен поддржувач на уметниците, и самиот свирел неколку инструменти меѓу кои и стаклениот армониум, вид инструмент кој се состои од стаклени дискови со чиј допир се произведуваат различни звуци. Еден од протежеата на Месмер бил и младиот Моцарт кој му оддал почит на својот мецена со тоа што го спомнува во операта „Кози фан тути“.

Но неговото лекување на спомнатата госпоѓица Паради завршило со скандал - голем дел од високото виенско општество сметало дека тоа што таа наводно прогледала е измама, и дека во текот на нејзиниот престој на имотот на Месмер тој сексуално ја злоупотребувал. Она што е сигурно е дека дури и видот навистина да и се повратил, тоа ѝ ја намалило способноста за свирење која очигледно ѝ била клучна за преживување, а и за нејзиниот идентитет како личност. Откако заминала од кај Месмер слепилото се вратило, а таа продолжила да настапува, не само во Австрија туку и низ цела Европа. Тогаш почнала и да компонира на специјално направена табла, а сочувани се неколку опери и инструментални дела. Отворила и училиште во кое предност имале надарените млади девојки.

Најнов филм под наслов „Госпоѓица Паради“ (Licht во германската верзија) ја раскажува оваа необична приказна низ впечатлива кинематографија, полна со бои, сенки и светлини кои слепата пијанистка на почетокот на филмот не може да ги види, а потоа ги гледа како низ превез - никогаш толку јасно колку што успева да ги „види“ и долови низ музиката. Филмот додуша не се однесува само на нејзиниот живот, туку и на класните и родовите односи во Австрија во 18 век. Особено е потресна сцената во која родителите на Марија сфаќаат дека нејзиниот новопронајден вид влијае врз нејзината музичка способност - тогаш посакуваат таа никогаш да не прогледала. Истото како да го посакуваат и поетаблираните колеги на Месмер, чии позиции тој би можел на овој начин да ги загрози. Таа пак после краткиот период на разбудени сетила, кои како да се активираат во комплет со она за вид (на пример чувството за мирис и за допир), како да е сепак среќна што се враќа во мракот, каде што се чувствува најбезбедно.

9 јануари 2019 - 10:09