„Сите ние сме Африканци“: нова изложба за врските помеѓу Македонија и Африка

Изговорена среде старата скопска чаршија, горната изјава може да зазвучи радикално. Но оваа изложба не само што ја промовира, туку и ја поткрепува со наоди од палеолит до денес.

Во 2018 во Музејот на Македонија беше поставена изложбата „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“, прва од ваков вид кај нас, на која беа претставени скулптури и маски од збирката на Музејот за африканска уметност од Белград, формирана од страна на дипломатите д-р Здравко и Веда Печар.

Уште тогаш стана јасно дека „црниот континент“, иако изгледа не само географски туку и културолошки оддалечен од Балканот, е всушност во голема мерка сроден со него, особено кога станува збор за дел од симболичките елементи - претстави на духови, божества и натприродни сили во форма на луѓе - кои ја поврзуваат европската и нашата регионална предисторија со религиите и верувањата на народите на Западна Африка.

Но Музејот на Македонија со нова изложба оди чекор понатаму, oбидувајќи се да ги лоцира и докаже контактите и непосредните влијанија што постоеле помеѓу целиот африкански континент и Македонија, од палеолит до денес. Притоа, првиот артефакт на кого се наидува во изложбената сала не е маска или удирачки инструмент, што би било стереотипното очекување на посетител на изложба која се однесува на Африка, туку - модел на ДНК. Ова јасно ја отсликува идејата на авторите на поставката, археолозите Никос Чаусидис и Гоце Наумов, да ја втемелат претпоставката за африканските влијанија во Македонија не само на идеи, туку и на конкретни тела. Црни, црномурести и бели, од крв и месо, тие исто како и културните концепти кои овие луѓе ги пренесувале, се допирале, плоделе, се адаптирале и генетски се мешале скоро 40000 години, од времето кога пралуѓето мигрирале од африканскиот континент во Европа. „Сите ние сме Африканци“ за денешен жител на Дебар маало или на Пехчево може да звучи како радикална изјава, но оваа изложба не само што ја промовира, туку и ја поткрепува со наоди од палеолит до денес.

Силните врски се особено во областа на религијата и декоративната уметност: на пример култот на египетскиот божествен пар Изида и Серапис (Скупи, Стоби, Охрид, Прилеп); присуство на африкански животни и растенија на мозаиците од големата базилика во Хераклеа Линкестис (лав, леопард, антилопа, пајки во лотосов лист); или археолошки наоди со тн. „негроидни“ ликови, како на пример обетки со црнечки глави од регионот на Охридското Езеро, пронајдени исклучиво во гробници, кои требало да ја овозможат врската помеѓу „долниот свет“ (претставен преку ликот на „темниот“, демонски лик на украсите) со оној надземниот.

Врските продолжуваат и се засилуваат за време на средниот век - преку почитување на неколку христијански светци по потекло од Африка, минувањето на карвани со африкански камили низ македонските градови за време на Отоманската империја, присуството на Африканците на територија на Македонија за време на Првата светска војна како дел од армијата на колонијалните сили, и престојот во поранешна Југославија главно на студенти и дипломати од Третиот свет поттикнато од Движењето на неврзаните.

Секоја од овие историски фази е илустрирана со наоди кои веројатно и до сега биле изложувани во постојаните поставки на некои од нашите музеи и установи, но кои издвоени од сродните на нив веројатно биле или занемарени, или доживувани како куриозитети. Сега ним им се обезбедува поширок контекст и толкување, а во тоа особено помага каталогот поврзан со изложбата, кој за наши услови претставува ретко сериозен зборник со текстови за сите нејзини аспекти.

Минатото се поврзува со сегашноста и преку фотографиите на народот Сури (граница меѓу Етиопија и Јужен Судан) на Билјана Јуруковски, фотографка со македонско потекло која живее во Австралија, чии дела се објавуваат во престижни списанија како Национална географија или Гардијан, и фотографиите на Филип Кондовски од Нигер. Помеѓу нив се поместени постери на настапи на африкански музичари на Скопскиот џез фестивал.

Особено се впечатливи предметите од личните колекции на неколкумина патници, уметници и заљубеници во Африка и нејзиното наследство. Има тука и маски, и облека, но и понеобични предмети, како на пример друштвени игри, музички инструменти и - овој држач за врат.

Неколку приказни поврзани со изложбата нам ни го објаснија потеклото и значењето на артефакти и визуелни претстави кои до сега не ни биле јасни. Една од нив се однесува на црниот светец од фрескоживописот во манастирот Сливница во Преспа, за кого единствено знаевме дека се вика Св. Варвар Пелагониски.

Од каталогот сега го дознавме и неговото житие. Според една негова верзија тој бил Египќанец, разбојник, кој единствен преживеал бродолом во близина на Драч и тоа благодарение на молитвите кон Христос. За да се покае, три години живеел во пештера, потоа во манастир, а од таму се упатил во Пелагонија каде од еден свештеник побарал да биде окован во синџири како казна за своите гревови. Така, окован, живеел се додека не бил застрелан од ловечка стрела, при што од неговото тело протекло лековито миро (оттаму и неговото второ име, Мироточив), со кое била излекувана ќерката на авторот на житието.

Какво филмско сценарио се крие тука...

Илина, Букбокс

2 декември 2019 - 09:32