Што прави нешто да е смешно?

„Теоријата на благонаклоно реметење“ е уште една во редицата обиди да се објасни природата на хуморот. Работата е што луѓето главно не се благонаклони, па оттаму и реметењата стануваат не-смешни. 

„Хуморот може да се дисецира како жаба“, напишал американскиот новинар и писател Е. Б. Уајт, автор на славните детски книги „Малиот Стујарт“ и „Мрежата на Шарлота“. „Но низ тој процес нешто умира, а внатрешните органи кои се разоткриваат ги обесхрабруваат сите, освен оние со чисто научен ум“.

Точно е дека филозофите, научниците и дел од комичарите го имаат сецирано хуморот со векови, притоа сериозно интересирајќи се за тоа што е она што нештата ги прави цепки. Според една академска дефиниција, нештото е смешно ако луѓето когнитивно го препознаат како такво, и доколку тоа создава „позитивна емоција на забава“ или поттикнува смеа. Но со оглед на тоа што просечниот возрасен се смее 18 пати дневно, смеата не е баш добар индикатор. Може да се смееш и на не-смешни работи, само затоа што тоа се очекува од тебе, или и покрај тоа што порадо би плачел.

Според редица не многу смешни автори, како Аристотел, Хобс, Декарт и Бодлер, нас нè забавува моментот кога се чувствуваме супериорни во однос на други. Фројд пак сугерирал дека пресмешни се забранетите нешта, затоа што хуморот е вентил за испуштање на репресираната душевна енергија. Кант и Шопенхауер го сметаат хуморот како резултат на несовмесност: кога постоечките конвенции се прекршени преку создавање апсурдна ситуација, или физички или вербално.

Сепак, сите овие теории имаат фалинки. Според студија на двајца истражувачи од Лабораторијата за истражување на хуморот на Универзитетот Колорадо во Боулдер, ненамерното убиство на некој сакан може да предизвика чувство на супериорност, ја ослободува потиснатата агресија, оди контра конвенциите, па сепак воопшто не е смешно. За да биде смешна, според нивната теорија на „Благонаклоно реметење“, ситуацијата мора да биде проценета како некаква отстапка, пореметување на „редот“, но сепак тоа да е направено благонаклоно, oдносно да игра на тенката граница на прифатливост и неприфатливост. Нивниот список на можности за смешно вклучуваат: нарушување на личен дигнитет, деконструкција на лингвистички норми (смешни акценти, игри на зборови), општествени норми (чудни однесувања, вклучително и чудно одење), па дури и морални норми (навреди и непристојно однесување). Сите овие имаат комичен потенцијал, но САМО доколку не ја преминат границата на закана.

Ова е на линија на теориите кои сметаат дека хуморот е всушност еволутивна адаптација која го овозможила човечкиот опстанок со тоа што ги наградувала нашите релативно кревки умови за правењето разлика помеѓу вистината и лагата, доброто од лошото, и - особено - безопасното од опасното. Но хуморот е сепак преинтересен феномен за работите да застанат тука. Сега канадски и австралиски истражувачи работат на „квантна теорија на хуморот“, компјутерџиите дали вештачката интелигенција може да препознае и да создава смешни слики, а армија луѓе се обидуваат да направат автентично смешни ботови. Во меѓувреме, можеме да поминеме и без да ѕиркаме во утробата на жабата, и само да се обидеме почесто да се смееме.

Извор: Атлантик

Види и: Анатомија на еден виц

13 февруари 2018 - 11:26