Забушанти од сите земји - терајте работа

Што е тоа „скајвинг“?

Не е само збор, туку цел концепт, кој за чудо е познат и во други, подисциплинирани средини од нашата. Значи ескивирање од работни должности со неоправдани отсуства, рано напуштање на работното место или генерално забушавање. Има и книги на темата, кои се всушност прирачници како најдобро да го правите ова. 

Првиот принцип на забушавањето е секогаш да изгледаш како нешто да работиш и да си на друго место кога се делат задачи. Кога пак нешто не може никако да се одбегне, да правиш театар од твојот ентузијазам. Во последно време се зборува за синдромот на преработеност - но додека некои навистина се преработени, други како што објаснува Роланд Паулсен во неговата книга „Празен труд" која изобилува во конкретни примери, бројни студии сугерираат дека просечниот работник активно посветува помеѓу 1,5 и 3 часа дневно на дремење (зборуваме за Шведска).

Вториот принцип е дека технологијата е истовремено и најдобриот пријател и најголемиот душман на мрзливите. Кoмпјутерот е направен така за да дава впечаток на трудољубивост кога ти всушност си пребаруваш летови за следниот летен одмор. Сега дури и службените мејлови можат да се програмираат за да се праќаат во 5 наутро, што на шефовите може да им изгледа дека не можеш да спиеш од секирации за работата. Јадица: интернетот на 27 милиони корисници е следен од страна на нивните работодавачи. Најголемиот непријател на „скајверот" оттаму е - Големиот Брат.

Трет принцип: секогаш барај работа онаму кадешто нема јасна релација помеѓу вложувањето и исходот. Значи - јавниот сектор. Во 2004 поминале два дена додека било забележано дека некој даночен инспектор во Финска умрел на неговото работно место. Во 2012 пак еден германски државен службеник им напишал проштална порака на неговите колеги при пензионирањето, признавајќи дека не правел ама баш ништо во последните 14 години.

За истото, но во приватниот сектор, зборува и „Живите мртовци: шокантната вистина за канцелариската работа", мемоар на Дејвид Болшовер за неговите денови како службеник и во големи и мали компании. Чудно, но во првата ситуација се утепувал од работа, а во вториот ич, и покрај тоа што постојано барал задачи од шефовите - кога тие не му давале, тој си ја пишувал книгата. Така барем правел нешто корисно додека неговите амбициозни колеги биле фрустрирани од товарот на слободното време.

Иако не постојат детални анализи на врската помеѓу примањата и забушавањето и дали едното влијае на другото, барем за Финска се знае - во 2010 таму оние со најмногу „празен од" заработувале повеќе од 80,000 евра годишно, додека оние загрижените и работливите само 20,000. Нормално, овие со 80 за да се искачат на скалата морале да покажат некаков талент. Но најголемиот талент излегува дека е да имаш паметна идеја, но некој друг да ја спроведе. Кога ќе станеш менаџер тоа веќе ќе ти стане дел од описот на работното место. Исто како и „култивирањето врски со деловни партнер", што уште од далеку мириса на кафана.

29 октомври 2014 - 09:00