Нова биографија на реге легендата

„Шерифот“ на Боб Марли е песна за контрацепција?

Последниве неколку години терминот „усна историја“ се прелеа од сферите на етнологијата, антропологијата и историјата во популарната култура. Па има усна историја на Саут парк, на Терминатор, на порното, и што уште не. Нова книга со овој термин во насловот се однесува на ликот и делото на Боб Марли.

„Во современата музичка индустрија повеќето пејачи се производи, кои компаниите ги моделираат на сличен начин како што оние за храна го калибрираат количеството сол во замрзнатите оброци. Но од време на време се појавува специјален уметник. Некој кој зборува во името на „обичните луѓе“. Неговата музика не е комерцијално пресметан чин, затоа што тој е Културен сенатор, човек кој ги претставува своите луѓе. А ниту една музичка ѕвезда во западниот свет не беше помоќен Културен сенатор на глобалната сцена од Неста Роберт Марли.

Вака почнува воведот во освртот на Њујорк Тајмс по повод појавувањето на „Има толку многу работи да се кажат: усна историја за Боб Марли“ од Роџер Стефенс, која излезе неодамна на 434 страници. Тој ги промовираше регето и растафаријанството, со што стана амбасадор на овие субкултури, и прошири слика за Јамајка како магичен остров низ светот. Но истовремено политичките ставови изразени низ стиховите на неговите песни беа револуционерни. Во War тој му објавува војна на расизмот, и тоа не само на симболичен начин. Во Redemption Song нè предизвикува да реагираме на убиствата на Мартин Лутер Кинг и на Маклом Екс („Колку долго ќе ни ги убиваат пророците, додека стоиме на страна и гледаме?“). Во Them Belly Full (but We Hungry) го критикува класниот систем во Јамајка. Вo Zimbabwe повикува на ослободување на африканските народи. Марли зборува во име на понижените и опресираните луѓе низ африканската дијаспора.

Новата биографија ја раскажува неговата животна приказна „од колевка па до гроб“ преку интервјуа кои авторот Стефенс ги направил низ годините со Марли, неговата мајка, жена му, последната девојка, неколку од неговите деца, музичките партнери и други. Целото истражување траело неколку децении.

Голем број од соговорниците го опишуваат Марли речиси како Исус - момче родено во сиромаштија кој станува длабоко духовен, природно надарен лидер и пророк кој може да ја види иднината. Неговите настапи изгледале како госпел собиранки на кои тој бил свештеникот. Но многу пред тоа, уште кога имал 3 години, велат дека покажувал натприродни моќи, читајќи на дланка со шокантна прецизност. Но токму заради тоа го сметале за чудак и го одбегнувале. Немал ни некаков посебен музички талент. Но низ години тешка работа, тој успева да стане ѕвезда, со широка рака за помош на оние кои немаат. Според неговиот менаџер бројката на луѓе чиј дневен оброк зависел од него изнесувала над 4.000.

Книгата содржи и голем број „тривија“ за супер-обожавателите. На пример дека I Shot the Sheriff е всушност за - контрацепција. Една од големиот број девојки на Марли, Ештер Андерсон, во книгата вели дека Боб постојано ја прашувал зошто не му раѓа бебе, па откако таа му рекла дека е на контрацептивни пилули тоа го инспирирало за стихот „Секој пат кога ќе засадам семе тој го убива пред да порасне“. Всушност, шерифот е докторот. Марли ја напишал песната додека седел со неговиот пријател Ли Џафи, кој вели дека Марли почнал со стихот „Го упуцав шерифот“, на што Џафи додал „Ама не го погоди заменикот“. Заедно овие стихови ја означувале неможноста да се победи системот, бидејќи дури и да го убиеш оној кој го чува законот, секогаш зад него има некој друг.

Марли почина во 1981, на 36 години, од рак кој се проширил од палецот низ целото тело. Неговиот доктор наводно изјавил дека „во Боб има повеќе рак отколку што имам видено во кое и да е живо човечко суштество“. Се борел со болеста, патувал низ болници низ светот (во една епизода жена му Рита им служи појадок во кревет на Марли и неговата љубовница), и починал на возраст која самиот ја предвидел. Сепак, повеќе од три децении по неговата смрт, Марли е уште жив низ неговата музика, а пораките за правичност и подобар свет од неговите стихови се поактуелни од кога и да е.

13 јули 2017 - 15:54