Салвадор Дали воскресе - вистина воскресе

Ars longa, vita brevis e латински превод на изрека која оригинално е на старогрчки, на древниот доктор Хипократ. Но дури ни тој не можел да претпостави дека вештачката интелигенција ќе биде во состојба да продолжи векот не само на уметноста, туку и на нејзините создавачи.

Салвадор Дали еднаш изјавил - „Ако умрам (пазете - ако!), нема тоа да биде целосно“. Веројатно уште тогаш неговиот визионерски ум знаел дека еден ден ќе се врати на овој свет, во ваква или онаква форма.

Холограмската технологија до сега е користена за „воскреснување“ на славни музички ѕвезди (види претходно за холограмот на Марија Калас тука). Но до сега никој не го имаше сторено тоа со славен сликар, иако сè додека има доволно аудио-визуелен архивски материјал врз основа на кој би можел да се реконструира мртовецот, тоа може да се стори со секого. И ете, сторено е, токму со Дали.

Помеѓу модерните уметници само Енди Ворхол има оставено покомплетна архива за сопствената јавна личност. Според Музејот на Дали во Сент Петерсбург, Флорида, каде тој ќе се појави „лично“ во април оваа година за да ги поздрави посетителите, неговото „оживување“ е овозможено преку алгоритам кој мапира информации извлечени од стотици интервјуа, цитати и постоечки снимки. Истите се комбинирани со тело на актер со слична градба и физички карактеристики. Ова значи дека муабетот кој го прави Дали не е спонтан туку сечен, лепен и монтиран од неговите написи и појавувања.

„Здраво“, вика Дали во трејлерот. „Јас сум Салвадор Доминго Фелипе Хакинто Дали и Доменех. И се вратив“. И тоа по 30 години. Да, уметноста е долга, но исто таков е и животот на уметниците, барем оној виртуелниот.

30 јануари 2019 - 16:58