Микро-социјални феномени

Родителски состанок

Текстов има три добри страни - практична, книжевна и превентивна. Практичната е во тоа да ве утеши дека ако некогаш сте се осетиле глупо на родителска, не било до вас. Книжевната е во живописноста на опишаните карактери, кои секако ќе ги препознаете. А ако уште не сте почнале да одите на родителски, немојте да кажете дека не сме ви кажале како стојат работите.

Втора клупа до прозорецот, таму седам секогаш на родителскиот состанок. Ако потрае, можам да гледам што се случува во школскиот двор. Ако тоа место е зафатено, седам покрај мајката која овој собир не го смета за сериозна активност. Неколку родители фаќаат белешки: кога е распустот, до кога треба да се предаде првата рата за екскурзија, кога е денот на отворените врати. На нив секогаш можеш да се потпреш, сè уредно бележат во телефон. Еден татко не го испушта моливот од рака, веројатно игра икс-нула со самиот себе. Чекаме за збор да се јават препаметните мајки, а секогаш се јавуваат.

Најпаметната од сите намерно ќути и се труди сите да го забележат нејзиниот протест. Заветот на молчење е заради тоа што нејзиниот син на писмена по математика добил четворка, а професорката задоцнила на час, па нашите деца пократко го работеле тестот, што не е во склад со законот. Мислам, ствааарно, без коментар. Додека таа молчи, професорката по математика се обидува да објасни што навистина се случило и гледа во нејзин правец, чекајќи кога Најпаметната ќе изрече недвосмислена пресуда. Напнатоста достигнува кулминација, класниот раководител веќе се кае што ја викнал професорката на родителски, а Нај-мама достоинствено ги склопува рацете во скут и слуша што ќе кажат останатите родители за тој проблем. Свесна е дека освен неа во училницата нема талентирани оратори и дека математичарката ќе се извлече. И треба да се извлече, таа молчи затоа што цело полугодие на останатите им укажувала на ситуацијата со математичарката, а сите одмавнувале со рака. Но, математичарката не знае дека оваа нема да проговори, пелтечи, ги повторува истите работи, психолошката војна ја меле, уф, Гвантанамо во споредба со оваа училница е место за одмор и рекреација.

Се придружувам до правилата на однесување на родителскиот состанок кои ги почитувале и моите родители: убаво се облекуваш, никогаш не ја почнуваш реченицата со „мојот син/ќерка...", всушност воопшто не зборуваш, само повремено климаш со главата, потпишуваш и плаќаш што треба и - магла. Не им завидувам на оние родители чии синови се именувани како „вандали" кои се напрегаат да го оправдаат своето дете и себеси со тврдењата дека грдите зборови кои ги изговориле не се слушаат дома. Мајките презриво ц-цкаат, а ако случајно се спомне дека ни девојчињата не се „цвеќиња" во чудо се вртат и се загледуваат една во друга, мислејќи дека „мојата" тоа сигурно не го рекла. После родителскиот состанок, мајките одат на кафе во блискиот кафич и тука паѓаат сите маски. Безочно се оговараат туѓите деца, „ова само тебе ти го кажувам", обрати внимание на ова или она девојче, мојата ќерка вели дека таа и рекла...

Откако седам на родителски состаноци, две теми не се менуваат: компјутерите се зло, а чипс е најголемото од сите. Првиот пат кога во градинка некој предложи да го донесе својот стар компјутер за децата да играат, една мајка која ја следам од тоа време се повика на истражување за деца заболени од рак од земјите на Третиот свет кои користат чкарт компјутери. Сите замолчеа, далеку било. Сиротите воспитувачки ѝ се колнеа на друга мајка дека не ги „дохрануваат" децата со послаб апетит со чипс, не вреди, таа видела ќесичка. Обете во еден миг беа членки на школскиот совет на родители, протестираа заради прескапата рекреативна настава. Една варијанта е нашите деца да бидат во нереновирано крило, соопштија на родителската, или во делот од хотелот со плазма телевизори, итнернет сала и базен. Сите останати одделенија веќе уплатиле за подобрата варијанта, немавме избор, децата ни благодареа до небо не знаејќи дека на истата таа родителска е изгласано децата воопшто да не го користат базенот, ќе настинат, ќе се удават. Праксата во која децата неизмерно уживаа е месечното одење во театар со целата градинка или одделение. Колку тоа чини, дали се тие нормални, за тие пари можам да однесам две деца во театар и да ми остане за пуканки. А ги носиш ли во театар? Не, немам време. За пубертетот на родителските во петто оделение се зборува срамежливо, таа тема допрва доаѓа. Многу се зборува за користењето Фејсбук и други „тараби" по кои децата испишуваат секакви пораки, а најгласни се родителите кои на своите профили секојдневно ставаат нови фотографии, види колку сме убави, лајкувај. Водечките мајки се откажуваат од петиција за поместување на такси станицата и запирање на градење на кафич - изгледа дека губат здив.

Се случи нашите деца да го обрукаат школото заради допирање на експонати и недолично однесување во еден природонаучен музеј. Стигна официјална забрана за учениците да пристапат на таа културна институција, на децата им беше смешно кога го слушнаа тоа, сериозните мајки рекоа „не, деца, не е смешно", а класниот се закани дека следната година нема да ги носи на екскурзија. Ја користам оваа прилика да го поздравам директорот на музејот, само нека продолжи да им го забранува влезот на децата, експонатите подолго ќе му траат ако никој не ги гледа.

Уживам на родителските состаноци, во веселиот тон на воспитачките, свеченото и авторитативно обраќање на наставниците, мирисот на училница и до половина избришана школска табла. А најмногу од сè го сакам оговарачкото кафе потоа.

Авторка: Билјана Васиќ

4 јули 2013 - 09:49