Реакции по одлуката Нобеловата за литература да му се додели на „симпатизерот на Милошевиќ“

Денес, 10.10, беа соопштени двајцата добитници на престижната награда, Олга Токарчук и Петер Хандке. Набргу се појавија првите скандализирани реакции на одлуката австрискиот автор да биде закитен со неа. 

Нобеловиот комитет во своето образложение за наградата наведе дека Хандке во тек на неколку децении создал „влијателно дело кое со лингвистичка ингениозност ги истражува периферијата и посебноста на човечкото искуство“.

Точно е дека тој со своите романи, драми, поезија и есеи (километарската библиографија тука), а за филмската публика и преку соработката со Вим Вендерс (со кого заеднички го има напишано сценариото за „Небото над Берлин“ и уште неколку), има изградено силна позиција во писателските кругови. И пред Нобеловата тој беше добитник на куп значајни книжевни признанија, како наградата Кафка или Меѓународната награда Ибзен. Но она по што стана најпознат на Балканот не беа неговите дела, туку неговиот активен ангажман и поддршка на режимот на Милошевиќ.

Во 1997 Хандке напиша нешто што беше толкувано како просрпска книга за балканските војни, под наслов „Пат кон реките: правда за Србија“. Во 2006, кога умре Милошевиќ, беше присутен на погребот во родното место на Слоба, Пожаревац, и одржа говор, на српски, пред присутните 20.000 луѓе. Тогаш рече: „Не ја знам вистината. Но гледам. Слушам. Чувствувам. Затоа сум денес тука, блиску до Југославија, до Србија, до Милошевиќ“. Следеа отворени полемики со голем број интелектуалци од поранешна Југославија, а најдолгата беше меѓу него и словенечкиот писател Драго Јанчар.

Ова беше и повод за негодувања секогаш кога требаше да му се додели некоја од спомнатите награди - така, тој самиот мораше да се повлече од номинацијата за признанието Хајнрих Хајне во 2006, а во 2014, кога му беше доделена наградата Ибзен, имаше и јавни протести пред салата. Тогаш Бернт Хагтвет, норвешки филозоф, изјави дека да му се даде наградата Ибзен на Хандке е споредливо со тоа да му се додели (фиктивна) награда за етика Имануел Кант на Гебелс. Во 1999 пак тој самиот ја врати германската награда Бухнер заради вклученоста на оваа земја во НАТО бомбардирањето на Југославија.

Салман Ружди за својот колега еднаш изјави дека „тој ги вчудоневидил дури и своите најстрасни обожаватели со серија страсни апологии на геноцидниот режим“. Тој ист режим пак му додели орден од највисок ранг („Српски витез“) за неговите пропагандни услуги.

„Неверојатно е кој сè може да добие Нобел“, напишаа денес хрватските медиуми. Косовската амбасадорка во САД, Влора Читаку, ја опиша одлуката како „шокатна и срамна“. Како и да е, Хандке во декември на свечена церемонија ќе ја прими наградата, од 830.000 евра, и медал со ликот на Нобел.

Бонус: Реакцијата на Американскиот ПЕН

10 октомври 2019 - 18:24