Ракописите на Кобејн, Боуви и Коен претворени во фонтови

Нов проект под мотото „пишувајте песни како оние кои ве имаат инспирирано“, користи букви и ноти напишани од раката на познати музичари за да создаде фонтови кои го имитираат нивниот ракопис.

Засега се изработени пет бесплатни фонтови, кои на корисниците им овозможуваат да пишуваат како Курт Кобејн, Дејвид Боуви, Џон Ленон, Леонард Коен или Серж Гензбур. Има тука различни стилови на пишување, специфични какви што се и карактерите на овие славни ликови - од детскиот и разигран ракпис на Кобејн, до извежбаниот италик на Гензбур. 

Дизајнерскиот проект се вика SongwritersFonts, а негови автори се Французите Џулиен Санс и Николас Дамиенс. Со оглед на огромната популарност која ја постигнаа за кратко време откако е обелоденета нивната идеја, тие во моментов наидуваат на проблеми со авторските права над ракописните белешки кои ги користеле за изработка на фонтовите. Нивниот сајт во моментов на пишување на текстов е привремено „замрзнат“. Сепак, тие изјавиле дека ќе најдат начин фонтовите сепак да ги направат достапни за широко користење.

Минатата година Адоб направи сличен проект (за којшто пишувавме тука) во кој ре-креираше 100 години стари четки за сликање на Мунк и ги додаде на Фотошоп „за да инспирира нова генерација мајстори-сликари“.

17 април 2018 - 17:11