Првиот музички стриминг бил измислен во 19 век

Наративот на линеарниот напредок се однесува на револуционерни пронајдоци кои ги заменуваат оние „примитивните“ од минатото, или на такви кои некогаш биле незамисливи. Стримингот обично го сместуваме во вторава категорија. Но тој всушност датира од пред повеќе од еден век.

Во мугрите на технологијата за снимање, телефонијата и генералната електрификација, во 1881, пронаоѓачот Клемент Адер смислил систем кого го нарекол „Театрофон“. Станувало збор за апарат кој на корисниците им овозможувал пренос на музика и друг вид забава преку телефонска линија, со користење на високо чувствителни микрофони (кои исто така ги смислил Адер). Театрофонот пренесувал двоканални снимки на театарски и оперски дела, кои оној на другиот крај на телефонската линија можел да ги слуша преку слушалки. Користењето на два различни сигнала за двете уши создавал стерео ефект. И сето тоа само за половина франк по слушање.

Еден од ентузијастите за тогаш новата технологија бил писателот Виктор Иго, кој напишал: „Многу е чудно. Почнува со две слушалки низ кои може да се слуша опера; ги менуваш слушалките и потоа оди театарска претстава. На трети оди комична опера. И јас и децата бевме воодушевени“.

Иако тргнала од Париз, иновацијата на крајот на 19 век веќе била раширена низ Европа. Тивадор Пушкаш создал „стриминг“ систем во Будимпешта наречен Телефон Ермондо, кој пренесувал вести и информации за берзата. Слушателите можеле да се јават во телефонската централа и да бидат поврзани со пренос по нивен избор. Во Лондон, пак, таканаречениот Електрофон систем од 1884 содржел и микрофон преку кој слушателот можел да комуницира со Централната канцеларија, што значи дека бил интерактивен. Сепак, ова било само за најбогатите - чинел 5 фунти годишно, во време кога таа сума можела да покрие неколкумесечна кирија. Освен тоа, искуството било колективно, затоа што претплатниците се собирале во групи и слушале музика или вести заедно.

извор

3 октомври 2019 - 21:44