„Сакајќи го Винсент“

Прв филм направен од масла на платно

100 уметници од цел свет ги создавале 66-те илјади слики кои го сочинуваат филмот посветен на холандскиот сликар. Доколку би биле поставени физички во просторот, тие би зафаќале територија колку цел Лондон и Менхетен заедно.

Дејствието на „Сакајќи го Винсент“ се одвива 12 месеци по смртта на Ван Гог во 1890. Тоа обединува група луѓе кои позирале за уметникот, во приказна која ги истражува причините за неговото самоубиство.

Водич низ неа е Даглас Бут, син на локалниот поштар, на кого му се паѓа должноста постхумно да му достави писмо од Винсент на неговиот брат Тео.

Но многу повеќе од нарацијата впечаток според критичарите остава визуелната поезија на делото, низ кое се рекреирани 94 слики на славниот холандски сликар. За тоа биле потребни точно 66.960 „фрејмови“ рачно цртани масла на платна од скоро 100 сликари, главно од Полска и Грција.

Идејата е на сликарката Дорота Кобиела, која најпрвин планирала само 7-минутен филм, но потоа, охрабрена од реакциите, одлучила да го направи првиот долгометражен игран филм кој комбинира анимација со асли сликарство, и тоа во стилот на авторот на кого се однесува делото.

Техничките проблеми со „превод“ на сликарските дела во филмски сцени биле големи, почнувајќи од форматот на сликите (некои од нив се вертикални, па морале да се дополнуваат странично), симулирањето на техниките со кои Ван Гог експериментирал низ неговиот развој како сликар, како и фактот дека има периоди од животот на Ван Гог за кои не постојат негови слики, па приказната таму е раскажана преку одделни, црно-бели сцени кои не се нацртани во негов манир, за да се разликуваат од останатото.

Еве трејлер за филмот, како и клип за тоа како е правен, кој навистина го доловува неверојатниот вложен труд и љубов во проектот

17 октомври 2017 - 08:39