„Просветителство сега“ - нова книга на Стивен Пинкер

„Просветителство“ ни асоцира на мртви бели мажи со перики. Но за Пинкер, вечниот оптимист, ова не е одамна минат и заборавен период од човечката историја, туку претставува збир вредности кои ги почитуваме и во 21 век, иако можеби не сме свесни за тоа. Да, а?

Според катаклизмичноста на вестите кои секојдневно ни се сервираат, изгледа дека 21 век тоне во хаос, омраза и ирационалност. Но во својата нова книга, која треба да излезе на 27.2, под наслов „Просветителство сега“, когнитивниот психолог Стивен Пинкер покажува дека ова е илузија - симптом на историска амнезија и погрешно читање статистика. Според него, ако се следат трендовите, а не насловите на вестите, може да се види дека нашите животи се подолги, поздрави, побезбедни, посреќни и поспокојни во однос на оние на нашите предци, и тоа не само на Запад, туку и во светот.

Ваквиот прогрес не е случаен туку е резултат на кохерентен и инспиративен вредносен систем, кого многумина од нас го следат и без да бидат свесни за истото. Тоа, според Пинкер, се вредностите на Просветителството: разум, наука, хуманизам и прогрес.

Иако изгледа како ние и Пинкер да живееме во два различни света, тој упорно се обидува, исто како и во неговиот бестселер „Подобрите ангели на нашата природа“ од 2011, да покаже дека насилството, убиствата, суровоста кон животните, домашното насилство и воопшто злото во светот, иако изгледа дека цветаат и растат, всушност се на најниска точка во историјата. Наместо да кукаме, треба да се восхитуваме на огромниот напредок кој човештвото го има направено во изминатите неколку векови, кои во еволутивна смисла се долги колку едно трепнување. И да почнеме поактивно да ги браниме толку тешко изградените вредности, кои се оние истите кои ги промовирале чичковците со перики од 18 век.

А од кого треба да ги браниме? Според Пинкер вредностите како разум и хуманизам денес се под закана од авторитарниот популизам, религиозниот фундаментализам и радикализмот и на левицата и на десницата. Големите успеси од претходните векови се земаат здраво за готово, затоа што идеите кои довеле до нив станале дел од главната струја, па луѓето мислат дека нема потреба да ги заштитуваат. Но ваквото лежерно однесување долгорочно може да значи назадување, и потоа долго време за враќање на работите на почетната точка.

Ставот на Пинкер е прилично храбар, што е иронично бидејќи тој всушност ни носи добри вести. Ако кажуваш дека светот оди по ѓаволите, дека никогаш не сме биле во полоша ситуација, дека сме духовно шупливи и проголтани од материјализмот, тогаш си обезбедуваш место и во медиумите и одобрување од страна на интелектуалците. А кога бескомпромисно работиш на тоа да го убедиш и последниот читател-скептик дека со катастрофичните ставови и изјави всушност се ризикува да се наруши огромниот напредок на сите полиња, тогаш добиваш куп критичари. Всушност идејата за новата книга на Пинкер му дошла токму од ваквите дискусии - од дебатата со културниот критичар Леон Визелтир на страниците на Њу Рипаблик во 2013. Нивната расправија стана вирална, а Пинкер потпишал договор за книга, која додуша е многу поширока (550 страници) од обичен одговор на критика.

Уште неизлезена, таа веќе наиде на обожаватели, но и на критичари. Бил Гејтс ја нарече „мојата нова омилена книга на сите времиња“ (претходно му беше „Подобрите ангели“). Во радикалните кругови ова баш и не е некоја реклама, туку повеќе звучи како книгата на богаташ како Гејтс да му се допаѓа затоа што ги потиснува дискусиите за нееднаквоста и сиромаштијата. Плус и затоа што Пинкер наводно не се задржува многу-многу на моралниот прогрес, кој би требало да оди рака под рака со сето останато.

До излегувањето на книгата, еве едно видео во кое Пинкер и Гејтс дискутираат за неа:

Претходно: Оптимизмот како ангажиран отпор

12 февруари 2018 - 15:59