Пророчко интервју со Хаксли од пред 57 години

Вчера, 26.07 се навршија 121 годинa од раѓањето на Олдос Хаксли, авторот на антологиската „Храбриот нов свет" од 1932. По тој повод едно ретко телевизиско интервју со него од 1958, кое не само што во голема мерка е визионерско за тоа како стојат работите во светот денес, туку е и пример за тоа како се прават интервјуа - како вкрстено испрашување, без пардон, и со - цигара во уста!

Новинарски фаци како Мајк Валас биле ретки и во негово време, а денес се спомнуваат со мешавина на носталгија и стравопочит. Човекот од најавувач на боречки натпревари, преку водител на квизови и тв шоуа, почнал да прави своја телевизиска емисија, „Интервјуто на Мајк Валас", во која во половина час ги „пржел" своите гости, поставувајќи им упатени и детални прашања. Антологиски се неговите интервјуа со Салвадор Дали и Ен Рајнд, но и ова со Олдос Хаксли.

Валас го најавува Хаксли како „човек од перото, кој е исто онолку вознемирувачки колку што е славен", пред сè заради неговата остра општествена критика. На првото прашање на Валас, кој според него е најголемата закана по човечката слобода, Хаксли одговара дека заканата не се состои во еден или повеќе злобни луѓе со име и презиме, туку во поголем број апстрактни сили кои туркаат во таа насока. Меѓу нив одреден број технолошки изуми, кој секој може да ги користи, а кои го забрзуваат овој процес на оддалечување од слободата. Телевизијата, на пример, масовно ги дефокусира луѓето од вистинските проблеми, а пак во тоталитарните режими помага во спроведувањето на ваквите политики. Останати теми: дроги, Орвел, диктаторски режими базирани врз согласноста на владеаните и врз нивните емоции, моќта на пропагандата.

На крајот само требало да додаде - „И да не речете дека не ви кажав“.

27 јули 2015 - 14:50