Прогласен германскиот збор на младите за 2018

Во рубрикава негуваме блага опседнатост во однос на тн. „зборови на годината“ кои ги прогласуваат различни речници, сајтови и организации. Тоа е затоа што тие одразуваат некои значајни општествени трендови, кои се повеќе од лингвистички. Уште поинтересни се оние кои не се англиски.

Во 2016 Германците ужаснато констатираа дека најпопуларен збор во германскиот помеѓу младината воопшто не е германски. Како што пишувавме тука кога некој е „хај“ и „кул“, германските тинејџери (впрочем исто како и македонските) тоа го опишуваат со заемки од американскиот хип-хоп, во случајов со „флај“ (како во: I'm so fly), термин кој победи во изборот што го организира издавачот Лангешајд таа година.

Но работите во 2018 се променети, па овогодишниот победник е, ако ништо друго, германски збор. Ehrenmann/Ehrenfrau е германски еквивалент на господин-човек (џентлмен) или дама. Терминот може да има позитивна конотација, на некој што се однесува благородно и „на висина“, но и негативна, доколку некој мисли дека е по „шик“ отколку што тоа навистина е.

Начинот на избор на зборот на годината е со онлајн гласање на предлози кои ги поднесуваат самите тинејџери, но сепак конечната одлука ја носи жири составено од 21 член, меѓу кои блогери, ученици, новинари, па дури и полициски инспектор.

Оваа година гласале 1.5 милиони луѓе, половина милион повеќе од минатата. „Еренман“ е често користен израз од страна на германските рапери, а и име на популарен енергетски пијалок. Освен што Германците оваа година се среќни што најпопуларен збор меѓу младите не е англиски, исто така се задоволни што тоа не е искривиколчен германски збор, како ланскиот победник - I bims, варијанта на Ich bin (јас сум).

19 ноември 2018 - 15:13