Во чест на Владета Јеротиќ

Професорот кој со збор ги лечеше душите

Вчера, 4.9, беше соопштено дека на 95 години починал српскиот академик и професор кој важеше за еден од најмудрите интелектуалци и мислители во регионов. А таа, мудроста, подразбира дека тој никогаш не се поставуваше како голем човек, иако беше токму тоа.

Веста за смртта на Јеротиќ поттикна и голем број луѓе од Македонија да му изразат почит на социјалните мрежи, како на редок интелектуалец, но и човек кој им помогнал да излезат на крај со своите лични премрежја и животни предизвици. Многумина од нив во неговите зборови на искусен психијатар, но пред сè на човек со голема, христијанска љубов кон луѓето, нашле смирение и утеха, подобра од лексилиум.

Замоливме еден од неговите почитувачи да напишат неколку реда и да им го претстави Јеротиќ и на оние кои се уште немаат слушнато за него, за неговата старовремска мудрост на човек што видел и знае многу, како дедо од некој древен мит.

***

„Ве чуди ли се уште нешто, професоре?“ прашува еден од присутните. Гласна смеа во салата, на едно од предавањата кои Јеротиќ често ги држеше во последната третина од животот. Прашањето е целосно на место. Речиси на постои современ предизвик за кој не стигна да проговори овој шармантен апостол на сознанието. Во видеото тој кусо промислува, па одговара: „Ме чуди омразата помеѓу шиитите и сунитите“. И покрај годините и знаењето, способноста за зачуд(е)ност пред загатките на светот се уште е тука.

Во духот на неговата аверзија кон преценување, ќе се обидам да се држам до основните податоци. Проф. Владета Јеротиќ е роден на 02.08.1924 во Белград, каде подоцна дипломира на Медицинскиот факултет смер невропсихијатрија. Во адолесенцијата покажува љубов кон астрологијата, а подоцна става равенство помеѓу човекот и космосот велејќи дека се работи за истата тајна гледана на две различни нивоа. Набрзо заминува од Југославија на дополнителна специјализација во Швајцарија, а во годините што следат живее и во Франција и Германија. Никогаш како емигрант, со црвениот југословенски пасош, вработен е во повеќе реномирани институции за ментално здравје. Отворено зборуваше низ призмата на позитивни впечатоци за престојот во Европа, редовно укажувајќи на негативните трендови но и позитивните страни од кои Балканот би можел да извлече корист.

По враќањето во Белград на почетокот од 60-тите години, повеќе децении работи како раководител на одделението за психотерапија во болницата „Др. Драгиша Мишовиќ“. Од 1985-та година, предава на Теолошкиот факултет како вонреден професор од областа на Пасторална психологија и медицина. Длабоко религиозен, умешно ги врзуваше природното и културното битие на човекот, науката и религијата, психоанализата и духовната пракса. Често повикувајќи се на неговиот омилен Јустин Поповиќ, православен теолог, еден од најпознатите светски познавачи на Достоевски и антикомунист, во бројни наврати приложуваше опсежна анализа на ликовите од романите на овој руски автор, а излагањата често ги зачинуваше и со цитати од Његош, како и со мудрости на народниот гениј.

Освен во кругот на теолозите, Јеротиќ беше почитуван и во секоја друга пора на јавното живеење. Беше пријател со еминентни политичари, уметници и научници. Виталноста која го красеше и силната воља го профилираа како рол-модел на „единствената вистинска револуција“, за која веруваше дека секогаш трга од поединецот кон општеството, наспроти човечката тенденција да се очекува спротивното

Сметаше дека секој зрел човек треба да поседува најмалку шест особини: способност за сакање на некој друг а не само на самиот себе; способност за контролирање на сопствените нагони и импулси; способност за поднесување на непријатност, бол и страдање; поседување на зрела а не на инфантилна совест; умерена агресивност без реакција на бес но и без претеран срам и страв, и способност да се биде независен. Истиот список може да се преслика од ниво на поединец и на цели колективи. Но поединецот е темелот - дури кога секој од нас ќе созрее индивидуално може да очекуваме дека тоа ќе го стори и општеството. Улогата на самовоспитувањето, работењето на себе е клучна, и таа самоодговорност е најзначајниот елемент за какви и да е промени на колективното тело.

Јеротиќ почина во својата 95та година, по еден чесно проживеан век, во кој зад себе не остави пород. Но остави 32 книги и така останува и понатаму достапен за колективната свест. Фројд вели дека човечкото потсвесно не знае за време и смрт, и ако земеме предвид дека тоа е токму местото каде што Владета Јеротиќ одлучи да нурка за време на својот земски живот, оправдана е надежта оти тој останува безвременски да го чини она што најдобро го знаеше: да подучува, да опоменува и да потсетува на вредности кои се толку очигледни, а сепак мора постојано одново и одново да се спомнуваат.

Дарко Поповски

Излагање на Јеротиќ на трибина посветена на љубовта:

5 септември 2018 - 16:07