Заразна инсталација

Проѕевање во градот кој никогаш не спие

Себастијан Еразуриз е чилеански уметник кој живее во Њујорк. Тој цел јануари ги предизвикува неговите сограѓани да се проѕеваат, и тоа во „градот кој никогаш не спие". Бонус: видео за тоа како заработил пари од продавање (буквално) ништо.

Инсталацијата се состои од видеа на човек кој зева, кои се прикажуваат на електронски билборди на Тајмс сквер. Таа почна да се емитува секоја вечер во 23:57 до полноќ од почетокот на јануари, а ќе трае до крајот на месецов.

Наречена „Пауза во градот којшто никогаш не спие" како алузија на славната песна на Синатра, таа експериментира со докажано заразната природа на зевањето. Целта, според уметникот, е да се предизвика „епидемија на проѕевања", за луѓето малку да одморат од секојдневните стресови, и барем на овој начин да се обединат во желбата за сон.

Во ова интересно видео Еразуриз зборува за неговиот пристап кон дизајнот - правењето еден чекор назад за да се види како другите решаваат некој проблем, па два за да се види логиката зад постапката, и трет за да се види зошто воопшто нешто третираме како проблем? Пример: кога сите користат патенти за поврзување две парчиња ткаенина, зошто да не се направи цел фустан само од хоризонтални патенти, што така ќе овозможи тој да се користи и како блуза, и како мини сукња и како фустан.

Најдобриот момент сепак е околу петата минута - кога тој бил натеран за докторска да напише 200 страници кои никој и онака нема да ги прочита, тој предложил дисертација составена само од празни страници, придружена со соодветна одбрана, која сигурно би била хит и би се претворила во академска урбана легенда. Одговорот на деканот - не доаѓа предвид. Тоа не му поминало, но затоа од продавањето „ништо“ за 5 долари парче си купил кола.

Официјалниот сајт на авторот

27 јануари 2015 - 08:41