За теоријата на страдањето и вистинските маки

Преписка помеѓу Жижек и Толоконикова од „Пуси рајот"

Надежда Толоконикова, една од членките на „Пуси рајот", во моментов е во затворска болница во Сибир. Но пред штрајкот со глад кој ѝ го наруши здравјето таа и Жижек неколку месеци се допишувале. На Надежда тој дури ѝ доаѓал и на сон.

Писмата се главно посветени на критика на капитализмот, тоталитарните режими и улогата на радикалните интелектуалци во нивното рушење. Но на моменти во нив има и едноставна човечка топлина и поддршка. Одбравме извадоци од нив, а целите можете да ги прочитате тука.

Жижек, 2. јануари 2013

Можеби изгледа дека луѓето не ве следат, но тајно тие веруваат во вас, тие знаат дека ја кажувате вистината и, уште повеќе, дека се борите за вистината...Пуси Рајот сите нè вознемирува - добро знаете што не знаете, и не се преправате дека имате лесни или брзи одговори, но на сите нас ни кажувате дека и оние кои се на власт исто така не ги знаат.

Толоконикова, 23. февруари

Еднаш, есента 2012, кога се уште бев во истражен затвор во Москва со другите активистки од Пуси рајот, те посетив. Секако, во сон.

Пуси Рајот навистина излезе дека е дел од оваа сила, чија цел е критика, креативност и ко-создавање, експериментирање и постојано провокативни настани. Да се послужам со дефиницијата на Ниче, ние сме деца на Дионис, пловиме во буре и не прифаќаме каков и да е авторитет...Ако „Светскиот дух" ве допре, не очекувајте дека тоа ќе биде безболно.

Жижек, 4. април

За мене, вистинската задача на радикалните еманципаторски движења не се состои во тоа само да ги протресат работите и да ги помрднат од нивната инерција, туку да ги сменат самите координати на општествената реалност, а кога работите ќе се вратат на нормала да има нова, позадоволителна „аполониска статичност". И, уште посуштествено, како се вклопува глобалниот капитализам во оваа шема?

Толоконикова, 16. април

Модерниот капитализам сака да нè убеди дека функционира согласно принципите на слободната креативност, бесконечниот развој и диверзитет. Но ја крие својата друга страна за да ја прикрие реалноста дека милиони луѓе се заробени од семоќната и фантастично стабилната норма на производство. Сакаме да ја разоткриеме оваа лага.

Жижек, 10. јуни 2013

Длабоко сум засрамен по она што го напиша: „Не треба да се секираш околу фактот дека ти изложуваш теориски конструкции, додека јас сум онаа што би требало да ги страдам 'вистинските маки'." Оваа едноставна реченица ме освести дека финалното чувство од моето последно писмо беше погрешно: мојот израз на сочувство со твојата ситуација во основа значеше: „Јас имам привилегија да се занимавам со реална теорија и да те подучувам во врска со тоа, додека ти ги пренесуваш искуствата на страдањето..". Твоето последно писмо ми укажува дека ти си многу повеќе од тоа, дека си рамноправен партнер во теорискиот дијалог. Моето искрено извинување за овој доказ за тоа колку е длабоко вкоренет машкиот шовинизам, особено кога е маскиран во сочувство за страдањето на другиот.

Толоконикова, 13. јули 2013

Го цитираш Маркс кога вели дека „Општествениот систем кој престанал да функционира и почнува да го фаќа 'рѓа не може да опстане". Но еве ме, како ја служам мојата затворска казна во која 10-те луѓе кои ги контролираат најголемите сектори на економијата се најстари пријатели на Владимир Путин. Тој студирал или спортувал со некои од нив, или служел во КГБ со други. Дали е ова општествен систем кој престанал да функционира? Дали ова не е феудален систем?

16 ноември 2013 - 12:07