Среќен 1 септември

Правила кои децата нема да ги научат во школо

Ни се виде соодветно денов да го одбележиме со нешто кое не е анти-училишно, но покажува дека наученото во школо може да биде од тотално бескорисно, до спротивно на она со што децата ќе се соочат во реалниот живот. Или што би рекол Марк Твен - „Образованието главно се состои во она што сме го однаучиле".

Чарлс Сајкс (Charles Sykes), чии колумни се објавувани во New York Times и Wall Street Journal, во неговата книга од 2007, „50 правила кои децата нема да ги научат во школо", нуди 50 лекции кои не се содржани во наставните програми, кои главно се „со ниска содржина на реалност". Ако ви се видат сурово „капиталистички" во однос на вашето детство и младост, почекајте денешните генерации да пораснат - ќе биде полошо.

Еве некои од нив: 

Животот не е фер. Навикни се на тоа.

На реалниот живот не му е толку гајле, колку што му е на твоето школо, за твојата самодоверба. Ќе очекува да оствариш нешто пред да се чувствуваш добро во врска со себеси.

Извини, ама нема веднаш по гимназија да заработуваш тешки пари, нема да бидеш директор и нема да возиш кола од компанијата. Можеби дури ќе мораш да носиш и униформа.

Ништо не ти следува.

Што и да ти кажал татко ти, не си принцеза.

Не, не можеш да бидеш сè што ќе посакаш.

Ако мислиш дека наставникот ти е строг, чекај додека добиеш шеф.

Твојот папок не е толку интересен. Не го минувај животот зјапајќи во него.

Можеби во твоето школо не ги нарекуваат луѓето победници и губитници, ама во животот е така.

Животот е малку повеќе како „народна" отколку што тоа ти го кажуваат на физичко.

Откако ќе дипломираш нема да се натпреваруваш со деца кои биле срамежливи на игралиште.

Понижувањето е дел од животот. Соочи се со тоа.

Твоите родители и твојот помал брат не се толку лоши колку што мислиш. Она што е лошо е неблагодарноста, безобразлукот и надменоста.

Твоите родители не биле толку досадни пред да се родиш. Она што ги направило такви е што ти ги плаќале сметките, те развозувале наоколу, ти ја чистеле собата и те слушале како им викаш колку си ти идеалистичен.

Животот не е поделен на полугодија. И не ти дава летен одмор.

Навреден си? И? Што со тоа?

Не си жртва. Доста цимолиш.

Моралниот компас не ти следува во стандардната опрема.

Твоите сексуални органи не се направени за да учествуваат во длабинско размислување или донесување одлуки.

Некој можеби гледа...

Нулта толеранција=нулта здрав разум

Телевизијата (а ни интернет) не е вистинскиот живот.

Биди фин со бубалиците. Еден ден можеби ќе работиш за нив.

Не си бесмртен.

И покрај кампањите од милијарда долари за претворање на твојот мозок во пудинг, обиди се да мислиш јасно и логично.

Ти не си првиот, ниту си последниот што минува низ ова што го минуваш.

Нека не те депримира успехот на другите.

Не заборавај да кажеш благодарам.

Уживај во ова додека можеш.

1 септември 2015 - 09:15