Последната љубовница на Мусолини

Нова биографија на Клара Петачи, ќерка на личниот доктор на Папата, која на 20-годишна возраст ја остварила својата опсесија, да му биде љубовница на 49-годишниот Дуче. 

Како дете во фашистичка Италија, Клара Петачи (попозната како Кларета) била опседната со „Дуче“. Во школо отпоздравувала со високо крената рака (водачот го прогласил ракувањето за нехигиенско) и ја пеела фашистичката младинска химна. Нејзиниот татко, личен доктор на Папата, бил убеден фашист, за кого Мусолини бил инкарнација на машкост. Но требало да помине уште малку време пред Кларета да го сретне „божествениот Цезар“.

Еден ден во април 1932, додека се возела од Рим кон одмаралиште во Остија, го забележала нејзиниот идол во соседното Алфа ромео. Му наредила на шоферот да го следи, и бидејќи овој бил прилично упорен, Мусолини застанал да види што е работата. Петачи во тој момент имала 20, тој 49 години. Но ако се суди според нејзините дневници - прв пат објавени во 2009 во Италија под наслов „Тајниот Мусолини“ - тоа било љубов на прв поглед. Следеле преписки и тајни средби, за сето тоа да заврши со „див секс“ во седиштето на Мусолини во Рим.

Ричард Босворт ја опишува оваа врска во нова биографија, под наслов „Кларета: последната љубовница на Мусолини“ (Јеил, 2017). За несреќа, таа била верена за друг маж, а пак Мусолини бил женет со пет деца. Освен тоа, бил познат по заведувањето жени, кои според италијанскиот новинар Роберт Ола, автор на „Дуче - сексуална биографија на Мусолини“ од 2012 имал над 400 вакви љубовници. Се’ до моментот кога при крај на неговата 23-годишна диктатура неговата потенција се намалила, и тој станал зависен од германси афродизијак, таблети под име Хормовин. Но и тогаш тој не само што ги притискал женските гради како да се „гумени автомобилски свирки“, туку и јавно посегнувал по нивните гениталии „во стилот на Трамп“.

До неодамна сексуалноста на диктаторите не беше во фокусот на интересот на историчарите, кои веројатно сметаа дека занимавањето со оваа тема ги спушта на ниски, псевдокнижевни гранки. Но автори како Босворт тврдат дека сексуалната енергија кои ја зрачеле водачите била суштинска за култот на фашизмот. Дневниците на Кларета го следат секое движење на Мусолини, а нејзиното прво писмо до него било на 7 април 1926, кога ментално попречената ќерка на еден конзервативен пратеник пукала во Дуче одблиску (куршумот ја промашил главата, но му откинал дел од носот). „О, зошто не бев со тебе“, со патос пишува 14-годишната ученичка. „Би ја задавела лудачата“. Патем, Гибсон навистина го завршила животот во лудница во Нортхемптон, отфрлена од сите.

Но и судбината на Кларета не била ништо подобра. Во април 194, кога поразот на Дуче бил очигледен, Кларета била егзекутирана од антифашистите, а нејзиното тело закачено да виси покрај она на нејзиниот љубовник во Милано, недалеку од местото каде 26 години порано била формирана фашистичката партија.

Регистрирани се наводните зборови на еден минувач: „Барем едно нешто може да се каже за Петачи - дека имаше добри нозе“.

14 март 2017 - 09:39