Пијачка на фајронт: шанкери за нивната последна желба

Нова книга на Бред Томас Парсонс, наградуван автор кој има пишувано за голем број сајтови и ТВ канали за храна, и бил уредник за книги за готвење на Амазон, има нова книга во која на шанкери им поставува само едно прашање - каков коктел би си направиле, за крај?

Книгите со рецепти за коктели обично се напишани или со неутрално-практичен тон (полни со мерки, филтрирани фотографии и прецизни инструкции), или тежнеат да бидат забавни и да ја претстават вештината на мешање коктели како „боза“. Но оваа е малку поинаква. Под наслов „Задња: шанкерите за нивната последна пијачка и мудроста и ритуалите на фајронтот“, таа на оние кои цел живот се занимаваат со правење пијачки за други, им поставува едно можеби непријатно но интересно прашање - што би се напиле пред смртта?

За да ја напише книгата авторот Бред Тoмас Парсонс пропатувал низ 23 града во Америка и собрал различни одговори од „шарен“ опсег шанкери низ земјата, од прескапи ресторани до најзабаталени барови и биртии. Сепак, главен збор во неа имаат топ бартендери, кои нудат повеќе од 40 рецепти за нивните избори. Меѓу најинтересните е еден коктел со име кое сосема одговара на целта на книгата - се вика „Последниот збор“, датира од пред прохобицијата и се состои од џин, мараскино, Шатрез (француски ликер од билки, не знаеме дали го има кај нас ама ќе провериме) и сок од лајм.

Сепак, ова не е книга за рецепти, туку многу повеќе од тоа. Зад секоја од избраните пијачки има некаква приказна - некои од шанкерите одбрал посебен коктел со мартини иако самиот не ја сака оваа пијачка, само затоа што татко му ја пиел пред да умре. Има дури и безалкохолни избори, како на шанкер кој одбрал леден Липтон чај, затоа што веќе не консумира кофеин, па ако треба нешто да се напие би одбрал токму нешто што го содржи, иако може да му додаде и Бенедиктин (или по наше - Јегер).

Секоја приказна е придружена и со музичка илустрација одбрана од авторот, која тој препорачува да се слуша додека се чита одредена сторија. Како да си во бар и шанкерот ти ја раскажува својата животна приказна, додека ти ја подготвува пијачката. Која, не се знае, секогаш може да биде последна.

Извадок од книгата тука

22 октомври 2019 - 11:19