Посетител на музеј успеал да отвори мистериозен сеф

Турист, чија професија не се открива, ги погодил бројките на 900 килограми тешкиот сеф затворен со децении. 

Во музејот Вермилион Херитиџ во Алберта, Канада, меѓу другите нешта кои зборуваат за историјата на овој регион, со години се чува голема, црна метална кутија. Вработените знаат само дека е донесена од одамна затворениот хотел Брунсвик, и дека бил дониран на музејот во 1990-тите. Но кодот на сефот и неговата содржина до сега беа мистерија. Односно, до моментот кога еден посетител успеа да го отвори.

Стивен Милс е жител на Форт МекМареј, исто така во Алберта, а минатиот викенд го посетил музејот со своето семејство. Кога со водичот поминале крај сефот, тој им го кажал она што им го кажува на сите - дека тој тежи скоро еден тон, дека има бројчаник од сребро, и дека е затворен со генерации. Волонтерите во музејот дури и направиле нешто како натпревар за негово отварање, но бравар им рекол дека заради застојаност целиот механизам може да е заглавен, и дека дури и да го погодат кодот може да не се отвори.

Милс прашал дали може да проба, и откако го притиснал увото до студениот метал почнал да го врти бројчаникот. Со бројки од 0 до 60, тој три пати свртил до 20 во правец на стрелките на часовникот, потоа два пати до 40 во спротивен правец, и повторно еднаш до 60 во правец на часовникот.

Се слушнал клик и сефот се отворил. Вработените се собрале да видат што има внатре и наишле на келнерски бележник со нарачки и сметка, кои датираат од доцните 1970-ти.

Сега вратата е обезбедена со пречка за да не може повторно да се затвори, а Милс по овој настан уплатил на лото. Добил само два долара, но се надева дека славата од овој настан ќе му донесе некое ново и интересно работно место.

7 јуни 2019 - 09:54