Политичката обоеност на Златните глобуси 2017

Како што обично бива, откако ќе се испукаат листите на наградените почнуваат анализите - зошто добил оној а не овој, кој како бил облечен, кој водител бил најсмешен, кој воопшто не се појавил. Но како ретко кога до сега, анализирани се политичките пораки на настанот, кој е изгледа само вовед во истата таква ангажираност на Оскарите.

Утре (вторник) Обама ќе го одржи традиционалниот говор на заминување. За десетина дена ќе се оддржи инаугурацијата на Трамп. Холивуд има избор - да ја искористи сезоната на награди како прилика да се коментираат овие и други крупни политички настани, или, обратно, тие да послужат како бегство од политика.

Според коментаторка на Слејт, Златните глобуси кои се одржаа вчера парадоксално го направија и едното и другото. Голем победник на вечерта беше мјузиклот „Ла Ла Ленд“, кој е самофалба на гламурот и магијата на Холивуд, исто како и неколку претходни добитници на Златен глобус, како „Уметникот“ или „Брдмен“. Па сепак, најзабележливиот сегмент на вечерта беше моќниот говор на Мерил Стрип, добитничка на наградата за животно дело, во кој го направи перемпере Доналд Трамп. Со зарипнат глас кој на моменти звучеше плачливо, таа го опиша моментот кога тој имитираше хендикепиран новинар, потсетувајќи дека таквото однесување на привилегирани поединци на висока позиција го нормализираат истото, на некој начин прават тоа да е кул и ок, повикувајќи ги своите колеги, како и медиумите, да пружат отпор на ваквата тенденција.

И Џими Фалон, кого го сметаат за аполитичен и неконтроверзен, направи дури три политички вицови во воведниот монолог, велејќи дека за 12 дена (кога САД и официјално ќе добие нов претседател) ќе се види како изгледа во живо „Игра на троновите“, или дека дури и Флоренс Фостер Џенкинс, ужасната оперска пејачка која неодамна ја играше Мерил Стрип, не би му пеела на Трамп на инаугурацијата.

Во последниве години „прогресивизмот“ на американските манифестации за доделување награди главно се однесуваше на расниот диверзитет. На ова делумно се осврна и спомнатиот говор на Стрип во кој таа по име и презиме ги наведе оние добитници на Златен глобус кои воопшто не се од Холивуд, па дури и не се Американци, а кога би биле избркани од Холивуд „сите би морале да гледаме само фудбал“.

Додека се гледа во живо, едно вакво шоу се следи само заради наградите. Кога ќе слегне таа возбуда, се памтат говорите кои допреле важни теми и пренеле исти такви пораки. На овогодинешните Златни глобуси таков беше овој на Стрип, кого Трамп го искоментира како говор на „обожавателка на Хилари“ и „една од оние либерални филмаџијки“. Но тој сигурно ќе инспирира ангажирани настапи на следните големи манифестации, без оглед дали тие навистина нешто ќе променат.

9 јануари 2017 - 17:33