По 80 години повторно објавена книга детски цртежи со предговор на Олдос Хаксли

Била издадена во 1938 и содржела 60 цртежи на деца кои минувале низ Граѓанската војна во Шпанија, за светот да ја сфати нивната траума и да помогне во воспоставувањето мир. Хаксли ја поддржал иницијативата со тоа што напишал воведен текст.

Во текот на Шпанската граѓанска војна (1936-1939) Хаксли бил еден од светските уметници кои застанале на страната на републиканците. Авторот на „Храбриот нов свет“, иако во делата се занимавал со дистописката иднина, сепак сакал да направи нешто за сегашноста. Во 1938 напишал предговор на книга под наслов „Тие се уште цртаат слики!“, збирка од 60 цртежи направени од шпански деца во текот на војната.

Таа тогаш била издадена од Американското здружение за помош на шпанските деца, а приходот од секој примерок, кој се продавал за еден долар, одел кај хуманитарна организација под име American Friends Service Committee. Била организирана и изложба на истите, во стоковна куќа во Њујорк, која потоа била поставена и во музеи во Бостон и Ворчестер.

Сега, осумдесет години подоцна, шпанската издавачка куќа Ла Уна Рота ја ре-издава книгата. Во неа најчеста тема се авионите, кои за децата биле истовремено и фасцинантни и морничави. Децата цртале и разрушени домови, уништена природа, нивните семејства, под постојана закана на бомби и на оган. Ова, заедно со предговорот на Хаксли требало да му покаже на светот дека најранливите жртви на војните се токму децата. А истата порака ќе ја има и одново објавената книга, во свет во кои војните никако да стивнат.