Пат околу светот за 80 дена со Ербиенби

Кога Жил Верн ја објавил својата книга во 1873, патниците немале ни Букинг ни Каучсурфинг ни Гугл мапс. Сепак, подвигот на Финеас Фог да ја обиколи планетата и денес изгледа прилично амбициозен, освен ако некој не ти го организира така за ти само да се појавиш. Со полн џеб пари и пар визи.

„Воздух, кревет и појадок“ или Airbnb, онлајн пазарот на кој може да се најде туристичко сместување во (скоро) цел свет, почнува со нова опција, Airbnb Adventures, која овозможува организирање не само на патувања туку на „искуства“ - групни авантури кои траат од 2-10 денови и чија цена почнува од 99 долари. Ова вклучува сместување, јадење и активности со експерт-локален домаќин.

Еден од пакетите е наречен според книгата на Верн, „Околу светот за 80 денови“, а оние кои ќе се пријават ќе посетат 18 земји на шест континенти, меѓу кои Јапонија, Британија и САД. Во текот на тој период ќе се патува со различни превозни средства, но секако е вклучен и балон, најпрепознатливиот елемент и во книгата, и во филмската адаптација од 1956.

Цената е 5000 долари по човек, а патувањето почнува на 20 јуни од Лондон, на истиот начин на кој почнува во книгата. Учесниците ќе се вратат на истото место 12 недели подоцна. Што значи дека имате уште три дена да се пријавите, секако доколку имате 5000 долари во џеб, британска, американска и веројатно уште по некоја виза.

17 јуни 2019 - 08:10