„Паразит“, или најуспешниот неанглиски филм на 2019

Во година во која освен „Џокер“ ниту еден друг филм (до сега) не отскокна по својот квалитет и успехот на кино-благајните, јужно-корејската бизарна сатира на класното општество делува како освежување. Со оглед на тоа што тој веќе ја доби „Златната палма“ во Кан, следен чекор би можел да биде и Оскар.

„Паразит“ на Бонг Џун Хо (режисерот на „Сноупирсер“ и „Окџа“ за коишто пишувавме тука и тука), ја раскажува приказната за сиромашното семејство од Сеул кое со измами успева да се вовлече во домот на свои богати сограѓани. Прв е синот кој успева да стане наставник на една од ќерките на Паркови. Наскоро и неговата сестра и родителите добиваат различни помошнички позиции, без домаќините да се посомневаат дека тие се меѓусебно поврзани.

Иако станува збор за далечна земја и култура, филмот е разбирлив во различни општествени контексти, бидејќи речиси и да нема таков кој не е допрен од долгата рака на глобалната криза која го брише средниот слој и создава јаз помеѓу класите. Истата тема тој веќе ја има третирано во претходните филмови, но за разлика од фантастиката во нив, „Паразит“ е сосема реалистичен, или барем веројатен, и покрај тоа што содржи неочекувани пресврти и хорор моменти. Сепак, чувството коешто го остава е дека тој е повеќе најава за нешта кои следат, отколку коментар на актуелни настани. За правењето на филмот биле интервјуирани реални слугинки, тутори и шофери, а се водело сметка и за локациите, двата „огледални“ домови на двете семејства, кои се главните симболички маркери на статусот на нивните жители.

Филмот, со заработените 11.3 милиони во САД за пет викенда до сега, претставува арт-хаус феномен, иако е далеку од 128-те милиони на „Ползечки тигар, скриен змеј“ на Анг Ли, и „Животот е убав“ на Роберто Бењини со 57 милиони. Минатата година „Рома“ на Алфонско Куарон дојде блиску до тоа да биде првиот неанглиски филм закитен со Оскар во 90-годишната историја на ова признание. До сега само девет вакви филмови, кои биле прикажувани во комерцијални кино-сали во Лос Анѓелес што е услов за номинација, успеале да влезат во конкуренција, но не и да го добијат Оскарот.

Во меѓувреме „Паразит“ е хит на социјалните мрежи, особено песничката која ја користи сестрата од сиромашното семејство за да го запомни својот лажен идентитет, вообичаено средство за памтење помеѓу основците во Кореја. 

13 ноември 2019 - 20:44