Oгнени кокошки: уметникот кој ги претвора кинеските зборови во цртежи

Кинескиот и онака е живописен јазик кој има голема врска со визуелизација на зборовите и изразите. Но илустраторката Френки Хуанг оди ниво погоре - буквално претворајќи ги зборовите во слики.

Серијата „Путонг животни“ на илустраторката Хуанг, кјоа живее во Шангај, ги претставува животните според нивниот назив на мандарински кинески, или „путонгхуа“, како што се нарекува официјалниот јазик на Кина.

На мандарински, на пример, зебрата е „куќа на риги“. Делфинот (сирот) е „морско прасе“, а мисирките „огнени кокошки“.

 

Илустраторката дошла на идејата за ваква серија илустрации откако видела дискусија на Твитер дека некои животни на кинески „имаат смешни имиња ако ги преведеш буквално“. Таа е родена во Пекинг, но пораснала во САД, што ѝ овозможува да го гледа кинескиот и како аутсајдер. Токму ова според неа и овозможува да се „откачи“ од механичкото изговарање на зборот и него да го види онаков каков што е - понекогаш баш смешен.

За еден цртеж ѝ се потребни отприлика три часа, од концептуализација, преку цртање до боење. Следна идеја е таа да направи приказни со секое од животните, како модерна (кинеска) езоповска басна. На пример за мисирката смислила дека живеат на планета каде ги користат зиме за загревање, ставајќи ги под креветот.

И иако сето ова делува интересно но безопасно, има и „кеч“. На пример бидејќи во Кина изразот #MeToo е цензуриран, оние кои сакаат да твитаат на оваа тема го користат кинеското за „оризово зајач“, кое на мандарински се изговара - „ми ту“. Уште едно животно кое Френки го искористила во серијата.

22 октомври 2019 - 16:01