Кој знае какви би биле оние на Македонците

Oд сите можни фантазии, Американците си сакаат „обично“

Во науката за сексот многу повеќе внимание е посветено на чинот на имањето секс - кога, каде, со кого - отколку на тоа што луѓето мислат за него. Еден истражувач одлучил малку да се позанимава со темата, и по спроведување на најголемиот проект посветен на сексуалните фантазии, издал книга во врска со тоа.

Џастин Лемилер работи во Институтот за истражување на сексот, родот и репродукцијата Кинси, при Универзитетот во Индијана. Автор е на блогот „Секс и психологија“, а сега и на книга под наслов „Кажи ми што сакаш“.

Институцијата каде што работи е именувана во чест на познатиот сексолог Алфред Кинси, чии истражувања се фокусирале многу повеќе на физиологијата на сексот и однесувањата на луѓето отколку на нивните желби (види осврт за серијата „Господари на сексот“). Последната пак значајна научна публикација на темата на желбите и фантазиите датира од 1995, пред популаризацијата на интернетот, кој е одговорен (виновен?) за достапноста на порнографијата и сексуалните (дез)информации.

Поради сето ова, Лемилер спровел онлајн анкета со над 350 прашања во врска со специфичните фантазии на учесниците, со тоа што објавил линк на социјалните мрежи. Добил одговори од 4.175 Американци од сите 50 држави, од секакви политички и верски припадности, и статус на врска. Секако, ова не значи дека студијата е репрезентативна, бидејќи сите учесници се контактирани преку социјалните мрежи, што значи дека тој (примерокот) повеќе се однесува на просечниот корисник на интернет. Тоа подразбира дека тој е помлад од просечниот Американец (и тоа шест години), а и дека учесниците имаат позитивен однос кон темата, со оглед на тоа што самите се пријавувале.

Сепак, и на овој начин може да се добие некаква голема слика за трендовите. Она што го покажала анкетата е дека дури и во време на промена на културолошките вредности, и куп порнографија, фантазиите на повеќето Американци не се нешто „а-у“ - висење од лустер, октоподи и џуџиња - туку повеќе се однесуваат на благо „зачинување“ на нивните вообичаени сексуални активности. Особено се интересни наодите на Лемилер во врска со фантазиите на мажите, кои често вклучуваат романтика или емоционално исполнување, како и чувства на одобрување, посакуваност, неодоливост, самодоверба, сексуална компетенција и емоционална поврзаност со партнерката. Големо мнозинство - повеќе од 70% и мажи, и жени - изјавиле дека ретко или никогаш не фантазираат за секс без чувства.

Ова е спротивно на долго време промовираното верување помеѓу експертите дека машките фантазии е поверојатно да вклучуваат „експлицитни и визуелни“ поттици, а оние на жените поемоционални, романтични моменти, како и дека тие почесто фантазираат за секс со повеќе од една партнерка истовремено.

„Кажи ми што сакаш“, книгата произлезена од истражувањето на Лемилер, вклучува и други интересни детали во врска со сексуалните фантазии на Американците. На пример во едно поглавје се идентификуваат 15 различни демографски фактори кои се во корелација со фантазирањето за една или за друга работа. На пример позрелата возраст може да значи дека фантазиите се однесуваат повеќе на групен секс или немоногамија во споредба со помладите, а религиозноста може да значи дека фантазиите повеќе се однесуваат на сексот како израз на љубов и хетеросексуалност, иако се можни и фантазии за специфичен секс кој се смета за грешен од поголемите религии (главно се што не е моногамно и прокреативно).

Дека сексуалните фантазии се „ванила“ покажува и тоа за кого тие фантазираат. Девет од десет Американци изјавиле дека фантазираат за нивниот актуелен партнер, над половината од нив рекле дека тоа го прават често. Само 7% рекле дека фантазираат за славни личности, порно ѕвезди или политичари. Истовремено, фантазиите за пробување нова поза или уживање во омилената, чисто статистички, ги надминале омилените фантазии кои би спаѓале во категоријата „табу и забранет секс“ (како фетишизам или воајерство). Од друга страна, 16% од учесниците велат дека нивната најомилена фантазија е директно поврзана со нешто што го виделе во порно филм, а истото важи и за телесните пропорции и својства на партнерот во фантазијата, која според Лемилер коинцидира со поекстремните телесни карактеристики на типичните порно актери.

Од друга страна, кога станува збор за влијанието на порното врз желбите, треба да се земе предвид и она со јајцето и кокошката - дали навиките при избор на порно ги рефлектираат желбите, или истите ги инспирираат. Оттаму, широката достапност на онлајн порно не мора да ги менува постоечките сексуални фантазии, туку да нуди нови начини на нивно исполнување.

Политичари, бе...

Извор: Атлантик

27 јули 2018 - 09:05