Од новиот филм со Сандра Булок болат очи

Не ни стигнавме да пишеме осврт за „Кутија со птици“, новиот дистописки трилер-хорор на Нетфликс, а тој веќе стана не само „меме“ туку и опасен предизвик. Толку опасен што стриминг сервисот мораше да издаде и формално соопштение.

Минатата недела Нетфликс преброја дека „Кутија за птици“ (Bird Box) во текот на првите седум дена од прикажувањето го виделе 45 милиони негови претплатници - рекорд за оригинален филм кој се прикажува на една ваква платформа. Што се однесува до критиката, високи оценки главно добива умешноста на Сандра Булок да извади нешто од (скоро) ништо, додека самата приказна е прилично површна и предвидлива (дури не ни многу страшна). Особено разочарани останаа оние кои, како нас, очекуваа повеќе од инаку одличната режисерка Сузан Бир, добитничка на Оскар за странски филм за „Во еден подобар свет“.

Главна финта во филмот е што кога мистериозна сила ќе почне да го треби човештвото, има само еден начин човек да се спаси - да си ги врзе очите и да биде сигурен дека нема да погледне во „тоа“. Во спротивно „тоа“ го вовлекува, го излудува, и го тера на самоубиство. Една мајка (Булок) и нејзините две деца тргнуваат на долго патување до безбедно засолниште со превези на очи минувајќи низ куп искушенија.

Кога филмот би бил поубедливо направен би имало тука и интересни асоцијации и можност за толкување алегории. Една од нив е дека „заслепени“ од она што некој ни го сервира преку сетилото за вид почнуваме да забегуваме, да си ги одземаме животите, или со тоа што физички се ништиме, или со тоа што дозволуваме некој да ни завладее со умот. А кој би бил најодговорен да го спречи ваквиот развој на настаните, ако не родителите, кои би ги предупредиле децата на опасноста од некритичкото впивање впечатоци?

Ако воопшто имаше ваков „педагошки“ аспект филмот, тогаш она што следеше по неговата премиера не можеше да биде поиронично. Само пет дена подоцна, на 2 јануари, Нетфликс мораше да издаде јавно здравствено предупредување, поради трендот кој почна да се шири на социјалните медиуми. Во бројни видеа Bird Box Challenge, луѓето ги имитираат ликовите во филмот, шетајќи наоколу со превези на очи, и правејќи им го тоа дури и на своите деца.

„Не можеме да веруваме дека мораме да го кажеме ова, ама ВЕ МОЛИМЕ НЕ СЕ ПОВРЕДУВАЈТЕ СО ОВОЈ ПРЕДИЗВИК“, твитна сервисот. „Не знаеме како сето ова почнало, и мило ни е дека филмот предизвикува интерес, но Момчето и Девојчето (детските ликови) имаат само една желба за 2019, а тоа е да престанете да завршувате во болница заради мемиња“. Во меѓувреме видеото на јутјуберката Морган Адамс, која се подвргна на предизвикот во тек на 24 часа, го видоа 2.5 милиони луѓе (и дупло повеќе очи).

Што да коментираме после сето ова освен - ставајте марами околу очи, а богами и памучиња во уши, дур има (ако има) спас.

4 јануари 2019 - 11:21