Репортажа

Од Музејот на културите во Базел: мртовечки ковчег во форма на џип, eротски играчки и дрвени чудовишта

Собирањето предмети кои им припаѓаат на „егзотични“ култури и нивното изложување овозможува тие да се запознаат. Од друга страна, предметите се „киднапирани“ од својот природен контекст, не ја вршат својата функција, мртви се. Музејот на културите во Базел ги преиспитува основните претпоставки на институциите од ваков вид. 

Базел е еден од првите градови во Европа кој креирал етнолошка збирка и ја отворил за јавноста. Формиран во 1893, денешниот Музеј на културите најпрвин се снабдувал со артефакти од богатите Швајцарци кои шетале низ светот и од таму носеле необични предмети. Подоцна, со професионализација на антропологијата, задачата за собирање им била доделена на експерти-истражувачи. Денес институцијата располага со повеќе од 320.000 предмети и околу 50.000 историски фотографии од сите пет континенти.

Во 2011 музејот бил целосно реновиран, не само во смисла на архитектура, туку и на редефинирање на начинот на презентација на содржините. Со своите високи плафони и крајно минималистички дизајн (само бели ѕидови и големи прозорци), тој е спокојно и пространо место, во кое на секој поединечен предмет му е доделена доволно „територија“, така за тој визуелно да не се меша со некој друг. Иако сосема лесно истиот простор можел да биде натрупан со двојно повеќе нешта, и на тој начин да се сигнализира изобилието и богатството на збирките, одбран е сосема поинаков, и многу подостоинствен пристап. 

Во моментов покрај постојаните поставки, во тек е изложба под наслов „Жедта за знаење се среќава со колекционерската манија“ (до јануари 2020), која ги преиспитува базичните претпоставки за постоење на еден ваков музеј, и на етнолошките музеи воопшто. Во нив предметите се отстранети (киднапирани?) од своите оригинални контексти, често набавувани под сомнителни околности, мотивирано од страст или од профит. Дел од предметите се сензитивни, како поради материјалите од кои се направени, така и поради нивната содржина - за народите од кои произлегуваат може да се свети, а за нивните колекционери само уште еден трофеј во богатите збирки. Иако Швајцарија никогаш не била колонијална сила, земјата и нејзините музеи несомнено биле дел од „белиот колонијален проект“. Изложбата не само што не го премолчува сево ова, туку многу отворено ги преиспитува етичките и практичните аспекти на набавувањето, складирањето и презентацијата на културни богатства на други народи.

За да се добие впечаток за предметите и начинот на нивната презентација, еве неколку од нив:

Модел-фигура на припадник на кенијско племе

Извесен доктор од Базел, Рене Ла Рош (веројатно дел од пребогатото семејство Рош - основачи на истоимената фармацевстка компанија), помеѓу 1905 и 1906 заминал на лов во Британска источна Африка (денешна Кенија). Од таму во Базел донел 160 предмети за секојдневна употреба кои ги користел народот Вакамба. Ја подарил збирката на Музејот, а во неа вклучил и модел во природна големина на 20-годишен „осуденик“.

Правењето на ваквиот модел бил непријатно искуство за „субјектот“. Според каталогот за изложбата, жежок материјал за моделирање му бил истуран врз целото тело, понекогаш и врз главата, а слободни биле оставани само дупчињата од носот. Додека материјалот се ладел, моделот морал да стои неподвижен и да се бори за воздух и повеќе од два часа.

Наметка од пердуви, делта на Амазон, Бразил, 1150-1650

Шаманите од племето Тупинамба носеле вакви церемонијални наметки. Во овој се вградени околу 500 црвени и црни пердуви од црвениот ибис (Eudocimus ruber). Се верувало дека својствата кои ги поседуваат овие птици, на пример брзина или добар вид, на овој начин се пренесувале на оние кои ги користеле пердувите.

Во 16 и 17 век Тупинамба живееле на брегот на Бразил каде имале контакт со европските трговци. Овие разменувале секири, ножеви и ножици за птици, кожи од птици и пердуви. Не се знае кога точно наметката пристигнала во Швајцарија, но белешка која одела со неа во моментот кога е откупена од музејот вели дека била носена на аристократски балови пред 1918.

Фигура за медицинска дијагноза (или еротска играчка?)

Оние кои практикувале традиционална кинеска медицина користеле фигури како оваа наречена „Докторски дами“ кога третирале жени. Наместо да покажат на нивното сопствено тело што ги боли, девојките и жените тоа го правеле на ваква фигура. Дијагностичката процедура датира од династијата Минг (14 век). Некои од поновите толкувања сепак сугерираат дека ваквите скулптурички од слонова коска биле всушност еротски играчки.

Чудовиштето каја имуну

Овој модел на митолошко суштество на племето Намау, од Папуа Нова Гвинеја, направено од бамбус, дрво, кокосови влакна и трска, играло клучна улога во ритуалите на иницијација. Кога не се употребувало за оваа цел стоело во ќоше во церемонијалната куќа, а за време на битки било полнето со глави и делови од тела на убиените непријатели.

Хамер мртовечки сандак

Сандаците за погреб на народот Га од Западна Африка често се направени во форма на престижни предмети, како луксузни коли, или во случајов, на Хамер. Ова требало да му го олесни влезот на починатиот на оној свет. Изложениот сандак-џип е долг 224 сантиметри, а е направен од дрво.

ПС. Патем, овој музеј е еден од неколкуте во Базел кој овозможува бесплатна посета последниот работен час, од 16-17. Што е огромна придобивка за финансиски изнемоштените од швајцарските изгор-цени.

Илина, Букбокс