Образовна песна за среќен почеток на годината

Дали би биле подобри ученици ако ни се даде шанса сè во животот да направиме по втор пат, како повторувачи во истиот клас?

На програмата на неодамна завршеното 8-мо издание на „Македокс“ имаше еден убав, студентски филм под наслов „Образование“, за деца од основно училиште во Полска кои се обидуваат на памет да научат истоимена песна од Јулиан Тувим, поет роден на почетокот на 20 век.

По изгледот отприлика 6-7 одделенци, тие не се воодушевени од купот зборови кои треба да ги запомнат, а кои содржат концепти и метафори кои не им се баш јасни. Во толкувањето на она што сакал да го каже Тувим учествуваат и родителите, па така учењето на песната наизуст станува и повод за собирање на семејството и дискутирање за работи кои вообичаено не се тема на вечерните седенки пред телевизорот.

Еве ја, за среќен почеток на новата школска година, но и за вистинското образование кое често не се стекнува во училишните клупи.

***

ОБРАЗОВАНИЕ

 

Ме научија многу мудри нешта,

логаритми, формули, шеми

квадрати, триаголници и кругови

Учев за бесконечноста.

 

Зборуваа за чудата на природата.

Ја набљудував мистеријата: 

„Живот во капка вода“ низ една леќа,

„Лунарни канали“ низ другата.


Бескрајно знаење ми е при рака,

2piR и H2SO4,

јаболка, лампи, Круксови цевки и Њутнови закони,

азот, водород и промени во атмосферата.

 

Знам за сфери исполнети со мраз,

за килибар кој кога се трие...

Знам дека телото потопено во вода

губи онолку колку што...etcetera.

 

Ах, исто така знам дека на другата хемисфера,

сонцето е високо, кога овде е темно.

Мојата глава е исполнета со многу нешта,

а мозокот замајан со бесмислици.

 

И јас не знам ништо, не разбирам ништо.

До ден денес моите скромни сетила

ми кажуваат дека оние луѓе на другата хемисфера

се принудени да шетаат свртени на глава.

 

И до ден денес ми е страв

дека дента Бог ќе ме испрашува,

- а јас ќе стојам без збор.

Боже, не ги знам одговорите, ме боли главата...

 

Тешка лекција, не можам веднаш да ја научам.

Те молам! Дозволи ми да го проживеам мојот втор живот

како да е уште една година

во истиот клас.

Јулиан Тувим (1894-1953)

Оригиналот на полски тука

1 септември 2017 - 16:03