Пародија на Тарнеровата

Објавени финалистите за наградата „Трупка“ 2019

Се состои од обична трупка заврзана за стапче, а се доделува на уметнички концептуални дела кои немаат амбиција да претставуваат високопарни и длабокоумни толкувања на светот. Што би се рекло, на дела и уметници што се „трупови“.

Тарнеровата награда, која е именувана според англискиот сликар Џ. М. В. Тарнер, е годишно признание кое им се доделува на британски визуелни уметници, организирано од галеријата Тејт. Од нејзините почетоци во 1984, таа стана медиумски најпокриената уметничка награда, често следена со контроверзи (како во случајот со добитничката Трејси Емин, и нејзиниот кревет од 3,7 милиони долари за којшто пишувавме тука).

Во 1999, како пародија на Тарнеровата, била воспоставена наградата Турнип (Репка), која оддава признание на уметност која е намерно глупа или лоша, и која покажува „недостаток на напор“ - обратно. Оние дела кои зрачат со „премногу напор“ или се „недоволно срање“ веднаш се дисквалификуваат. Досегашните добитници или финалисти вклучуваат дело под наслов Tea P - искористени чајни ќесички во форма на латинично П, златно обоена крок влечка, Flower Power инсталација која се состои од цвет и батерија и Hot Date (чили пиперка и урма - на англиски дејт). И да, повеќето награди се состојат од игри на зборови и пар предмети.

Мотото на натпреварот кој сега е проширен низ целиот свет со различни правила, е - „Знаеме дека е ѓубре, ама дали е уметност?“. Деновиве е објавен списокот на финалисти за јубилејното 20-то издание, меѓу кои се The Leaves and the Remains (Лисја и остатоци или Заминати и останати - фото најгоре) и Bush Fire Down Under (Шумски пожар долу - во Австралија), кое се состои од пар гаќи со изгорена дупка, таму доле.

Наш фаворит е A complete waste of thyme (Залудно потрошена мајчина душичка/звучна асоцијација на Залудно потрошено време).

Победникот ќе биде објавен на 3 декември.

28 ноември 2019 - 08:37