Нобеловката што си ја повлече статијата

Американската научничка Франсис Арнолд, која ја подели Нобеловата награда за хемија во 2018 со уште двајца истражувачи, на своја иницијатива си ја повлече најновата научна статија. Причина: повтореното истражување не ги дало истите резултати.

Арнолд, професорка по хемиско инженерство и биохемија на Калифорнискиот институт по технологија, на 2 јануари објави вест на својот твитер профил:

„Многу сум вознемирена, но моравме да го повлечеме текстот од минатата година во врска со ензимската синтеза на бета-лактами. Резултатите не можеа да се репродуцираат. Тешко ми е да го признаам ова, но истовремено го сметам за многу важно. Им се извинувам на сите. Кога го поднесовме текстот за објавување бев малку зафатена и не си ја завршив добро работата“

Подоцна било откриено дека во лабораториската тетратка недостасуваат податоци за извршени експерименти и податоци за клучните фази од истражувањето. Ова е најнов пример на кризата во репродуцирањето на истражувања од различни области во светската наука, за која во 2018 низ серија текстови пишуваше и списанието Нејчр

Сепак, голем број колеги на Арнолд ја пофалија нејзината искреност и чесност во објавувањето на веста, нешто што многумина никогаш не би го направиле, па точно и да се свесни дека во нивните истражувања има некаква грешка или недоследност. Пред да се закити со Нобеловата, Арнолд ја има добиено Милениумската технолошка награда во износ од 1 милион евра, а членува и во бордот на директори на компанија поврзана со Гугл, Алфабет.

4 јануари 2020 - 10:22