Њујоршките затвореници ќе мора да си ги купуваат книгите

Досегашната практика на користење донирани книги, или такви донесени од семејството и пријателите, за затвореници од три њујоршки затвори се укинува. Сега тие ќе мора да си ги купуваат книгите, и тоа од ограничен број издавачи и мал број наслови.

Целата идеја за тоа дека затворениците треба да си ги купуваат книгите е контрадикторна со формалната заложба за нивна „ресоцијализација“, описменување и занимавање со некоја корисна активност во текот на бескрајно долгите затворски денови. И не само тоа - понудените книги се едноставно прескапи. Роман, на пример, чини скоро 12 долари, книга за шах 30, а третина од насловите се боенки.

Според надлежните, директивата донесена во декември 2017 е обид за ограничување на „контрабандата“, шверцување предмети - во случајов книги! - преку поконтролиран програм за пакети за затворениците. Дополнително, нагласуваат дека јавните библиотеки во затворите се сè уште достапни, иако голем број од нив се запуштени и недоволно атрактивни за затворениците. Исто така, не секој има пристап до нив, па така на оние кои се во самици не им е дозволено користење на библиотеката.

На ова бурно реагираат групи и организации кои до сега редовно испраќале книги во казнено-поправни институции низ земјата, со фокус на Њујорк. Тие велат дека затворениците често мораат да зајмат поштенски марки за да испратат писмо, не располагаат со кој знае колку пари, и најголемиот број од нив нема никакви шанси да купи толку скапи книги.

Спомнатиот „проект“ кој се спроведува во трите затвори е пилот програма, која активистите и самите затвореници се надеваат дека ќе се укине пред да се прошири и на други затвори.

Претходно: Затвореникот што најде грешка во енциклопедија

12 јануари 2018 - 11:10