Несфатениот Ниче: не бил ни десничар, ни намќор, а ни женомрзец

Германската радикална десница се крстела во идеите на Ниче, но тој всушност го мразел антисемитизмот. И не е само ова - Ниче не е сфатен по повеќе основи, тврди нова биографија.

Ниче, Маркс и Дарвин се големиот мислителски триумвират на 19 век, чии идеи имаат огромно влијание и денес. Од нив тројцата, Ниче бил најголемиот филозофски иконокласт, со неговите „Бог е мртов“ и „Нема факти, само интерпретации“. Па сепак, неговата поврзаност со концепти како оној за Иберменш (Натчовекот) и волјата за моќ имаат придонесено тој да е и најпогрешно толкуваниот.

Сју Придо во новата биографија „Јас сум динамит!: животот на Фридрих Ниче“ тврди дека особено се раширени три мита поврзани со него: дека неговите политички ставови биле крајно десничарски, дека бил женомрзец и дека му фалел смисол за хумор.

Растејќи во Бизмарковиот рајх, Ниче посебно мразел три работи: големата држава, национализмот и антисемитизмот. „Дојчланд, Дојчланд ибер алес, тоа е крајот на германската филозофија“, напишал тој, додавајќи: „Би ги стрелал сите антисемити“.

Неговата сестра Елизабет пак имала спротивни ставови. Се омажила со озлогласен атисемитски агитатор (Ниче не бил на нивната свадба во знак на протест), а потоа парот заминал за Парагвај за да создадат новогерманска колонија на чисти Ариевци во оваа земја. До моментот кога колонијата пропаднала во 1889, Ниче веќе полудел, а сестра му се вратила во Германија каде се грижела за него и ја формирала неговата архива.

Таа е виновна за повеќето лажни информации во врска со неговиот живот, а богами и неговата смрт. Во 1900, кога починал му била направена посмртна маска, но сестра му сметала дека таа не е доволно импресивна, па лажирала втора. Истото го правела и со писанијата, монтирајќи, лепејќи и бришејќи по сопствено наоѓање. Објавила и не баш сјајна биографија за него, а го одложувала печатењето на неговата автобиографија, Ecce Homo, до моментот кога во неа магично биле избришани сите места каде што била спомната, по лошо.

Ниче имал обичај да си смислува наслови и на ненапишани дела, и да си ги забележува на маргини на разни хартии. Еден од нив, зачуван на список за пазарење, гласел „Волја за моќ“. Елизабет земала фрагменти од негови белешки и составила книга која ја нарекла токму така. Таа постигнала толкав успех што наскоро била објавена проширена верзија.

Со оглед на тоа што Елизабет живеела до 1935, тоа ѝ дало доволно време да манипулира со оставнината на брата си. Неговата архива станала институција преполна со радикални десничари, како Освалд Шпенглер и Алфред Баумлер, кој бил одговорен за горењето на книги во Берлин под нацистите. Тој ги подготвувал текстовите на Ниче за нови изданија исто така користејќи ја техниката на „сечено-лепено“, а во ова му помагал и Мартин Хајдегер.

Елизабет му се восхитувала на Мусолини. Во 1932 го убедила Вајмарскиот национален театар да постави претстава посветена нему. Хитлер се појавил во текот на изведбата и ѝ подарил огромен букет цвеќе. Една година подоцна, сега веќе како канцелар на Германија, тој ја посетил архивата на Ниче, носејќи го со себе вообичаениот корбач за коњ (кој бил повеќе ознака на ранг отколку нешто што реално се користело за јавање). Останал час и половина, но кога се појавил на излезот корбачот го немало. На негово место го носел Ничеовиот бастун, кој му го подарила Елизабет.

На Хитлер веројатно не му користеле сложените идеи на Ниче, но фразите кои лесно влегувале во уво, како „отаде доброто и злото“ или „Натчовек“ можеле бескрајно да се злоупотребуваат. Сепак, дури и нацистичките идеолози знаеле дека Фридрих не е „од нивна“. Еден од нив саркастично забележал дека освен фактот дека Ниче не бил социјалист, ниту националист, а се противел и на расизмот, тој би можел да биде водечки национал-социјалистички мислител.

Ниче има и незаслужена репутација на мразач на жени. Спротивно од вообичаеното мислење, тој секогаш ја третирал сестра си како еднаква и ѝ помагал да си ги прошири знаењата. Во 1874, кога бил професор по филологија во Базел требало да се гласа дали да се примаат жени на универзитетот. Ниче бил еден од четворицата кои гласале за, но тоа за жал тоа не било доволно. Во 1876 патувал за Италија за да ѝ се придружи на Млавида фон Мејсенбуг, феминистка која промовирала еманципација на жените. Таа била прогонета од Германија заради криумчарење писма во текот на револуцијата од 1848, по што пребегнала во Лондон. Нејзината репутација била таква што кога Гарибалди пловел по Темза во 1864 ја поканил на јахтата да зборуваат за политика додека појадуваат.

Ниче и таа требало да основаат школа за слободни духови во пештерите под Соренто. Тие (духовите) требало да вклучуваат жени, а да се проучуваат културата, фиолозофијата, религиозниот скептицизам и сексуалните слободи. Школата никогаш не се отворила, но преку Мејсенбуг Ниче се запознал и со други феминистки.

Кога во 1880-тите на жените сепак им било дозволено да присуствуваат како слушателки во амфитеатрите, тој поттикнал неколку негови пријателки да доаѓаат на предавањата. Меѓу нив и Мета фон Салис, која станала прва жена која докторирала на швајцарски универзитет.

Што се однесува пак до смислата за хумор на германскиот филозоф, авторката на новата биографија вели дека не знаела колку може да биде забавен додека не му ги прочитала писмата. Во нив на едно место тој вели: „Најнежниот, најразумниот маж, доколку носи големи мустаќи и си седи во нивната сенка чувствувајќи се безбедно ќе одаде впечаток дека е воинствен, дрзок и понекогаш насилен - па оттаму ќе биде третиран соодветно“, притоа мислејќи веројатно на себеси. За него, согласно добро познатата изрека, единствениот Бог во кој може да верува е оној игривиот - ѓаволот е сериозниот, длабокиот, свечениот.

„Ужаснат сум од помислата што би можеле да направат од мојот авторитет неквалификуваните и несоодветни луѓе“, напишал тој. И изгледа бил во право.

10 октомври 2018 - 19:19