Букбокс гледаше

„Непријател" (2013)

Ти кажуваат дека филмот е за човек кој случајно сфаќа дека има двојник. Ментално го сместуваш во жанр трилери, и цел филм ги пропушташ сите можни хинтови кои упорно ти посочуваат на нешто друго. На последната сцена сфаќаш. Дека треба да го почнеш од почеток.

„Сè е поврзано со контролата. Таа е опсесија на секоја диктатура. Стариот Рим му давал на народот леб и игри. Но други режими користат поинакви методи за да го контролираат знаењето и протокот на идеи. Го намалуваат нивото на образование, ја ограничуваат културата. Ги цензурираат сите средства за индивидуално изразување. И ова е шема што се повторува низ историјата"

Кога овој монолог би бил сместен во кој и да е друг филм со очигледно политички ангажирана содржина, тој можеби би звучел како општо место. Но во „Непријател", иако тоа можеби ќе го сфатите предоцна, станува клучен за толкување на целиот филм.

Тој почнува со мото преземено од „Двојникот" на Хозе Сарамаго, романот врз чија основа е правен филмот: „Хаос е ред кој сè уште не е дешифриран". И навистина, додека не го дешифрирате, филмов нема да ви биде ништо повеќе од еротски трилер, во кој од време на време, од необјасниви причини, се појавуваат некакви пајаци. И не само пајаци, туку и асоцијации на пајакови мрежи во електричните кабли над градот со боја на сепија кој личи на напуштен, и во скршени стакла, и во сцени со девојки кои наместо човечки имаат глави на пајак. Сметајќи ги за каприц на режисерот кој можеби како мал бил опседнат со Спајдермен, правите слалом низ сета таа симболика, држејќи се ко слеп за стап за лажниот ред кој ви го нуди главната нарација.

И сега доаѓаат спојлерите. Навидум се работи за професор по историја кој сосема случајно, во кадар од филм, пронаоѓа свој двојник - актер, и се обидува да најде некаква логика во тој настан. Се запознаваат, но во моментот кога очекувате сцена како од турска серија, во кои тие ќе се прегрнат како одамна раздвоени близнаци, работата се комплицира. Актерот, кој делува како поербап од професорот (кој знае зошто..), предложува да си ги сменат партнерките за да ја истестираат својата идентичност, загинува во сообраќајќа заедно со девојката на вториов, откако оваа добива напад на паника бидејќи препознава (по трагата од венчалниот прстен) дека не се работи за нејзиниот дечко. „Ти не си човек", упорно му се дере таа во колата.

Професорот пак останува со бремената жена на актерот, која покажува знаци дека ја препознава замената, но изгледа како да нема ништо против неа. Во коверт со назнака „строго доверливо" адресиран до неговиот двојник тој пронаоѓа клуч, кој води до простории на тајно друштво, кое се собира за да гледа кинки секс, во кој се користат и пајаци. Леб и игри. Откако еднаш ќе бидат фатени во пајаковата мрежа на ваквата „циркуска“ култура која го брише индивидуалното, луѓето и самите стануваат пајаци. Нешто што и да сте го пропуштиле сите претходни назнаки, никако нема да можете да го прескокнете во последната сцена. Која не им ја препорачуваме на оние макар и со блага форма на арахнофобија.

Денис Виленов (Denis Villeneuve), кој и претходно нè вадеше од памет со „Затвореници", сега е посуптилен и некако по..европски. Единствено што можеби би замериле е за изборот на главниот актер, Џејк Гиленхал, кој во една од двете улоги кои ги игра, за да биде јасно дека се работи за двајца различни луѓе, како да преглумува збунетост и емотивност како контрапункт на дрскоста на неговиот двојник.

Некои критичари го толкуваат филмот како алегорија на машкото неверство и талогот на вина кое тоа го остава, во смисла на „подвојување" на личноста кога човек балансира помеѓу жената и љубовницата. Иако има некаква смисла, оваа интерпретација ги мете под тепихот асоцијациите на тоталитаризмот, кои никако не се вклопуваат во неа, освен во некаква апсурдна теорија дека тоталитаристичките општества ги прават луѓето (мажите) неверни. 

Како што се вели во одлична критика за филмот во Слејт, во делото на Сарамаго според кое е правена книгата нема пајаци. Но во друга негова книга, „Годината на смртта на Рикардо Реиш", кога зборува за фашистичката војска и нејзините сојузници, тој вели:

„На светов не му недостасуваат пајакови мрежи; од некои од нив успевате да избегате, други ве убиваат. Бегалецот може да се засолне во хотел под лажно име, мислејќи дека е безбеден, но не знае дека неговиот пајак ќе биде ќерката на газдарицата...посветен националист, која ќе го смени неговото срце и ум".

Имате ли дома пајажини?

29 мај 2014 - 08:45