Сајт на денот

Каде се османлиските споменици низ Скопје?

Утре, петок, 13.12, во 12 часот на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ ќе биде промовирана првата фаза од долгорочен проект за мапирање на недвижното културно наследство на Скопје.

Мапата, која е достапна на следниов линк, во моментов ги прикажува верските објекти изградени во периодот од крајот на 14, до почетокот на 20 век (1912). Вклучени се џамии, теќиња, турбиња, православни и католички цркви и синагоги, а различните легенди укажуваат на тоа дали истите се постоечки или поради различни причини веќе не постојат.

Со кликање на иконата во горниот лев агол на основната мапа можно е пребарување по тип на објект, а за секој од нив се наведени основни податоци за локацијата, архитектонскиот стил, годината на градба, состојбата, како и архивски фотографии. Некои од објектите настрадале во земјотресот, како на пример црквата св. Мина, изградена во 1902 од грчката црквеношколска општина, која за време на Првата светска војна била претворена во коњска штала. Во 1935 била обновена и претворена во Црковен музеј на скопската епархија, но за жал комплетно се срушила во 1963.

Наведен е и објект „намазѓах“, кој претставува место за молитва изградено на локација каде што немало блиска џамија, а користено главно во лето за молитва на отворено. Во случајов станува збор за намазѓах со мермерен под со име Мусала, кој се наоѓал среде сточниот пазар во населбата Чаир.

Од еврејските објекти застапенa е синагогата Бет Ахарон, изградена 1366, која се наоѓала во еврејското маало, а не е позната годината на нејзиното рушење.

Во земјотресот настрадала и првата католичка катедрала во полуготски стил Свето Преображение (или Пресвето срце Исусово), изградена во 1902 со помош на австриската влада, единствена црква на десната страна на Вардар. Ова е истовремено и првата црква во Скопје од која се слушнало звук на камбана.

Мапата е придружена со видео и аудио илустрации, терминолошки речник и литература и извори, a ќе бидат додадени и усни преданија и легенди поврзани со објектите. Истата се планира да се надополнува и со профани објекти на територијата на Скопје од истиот период, како и со објекти од други историски епохи.

Реализатор на проектот е Центарот за етнолошки истражувања и применета антропологија (ЦЕИПА), а промоцијата на мапата ќе се одржи на 13.12 (петок) во 12 часот на Институтот за етнологија и антропологија (зграда на хемија, ПМФ, приземје). Истовремено ќе биде промовиран и најновиот број на списанието Етно-антропозум (број 16), како и онлајн аудио изданието на истото списание.

ФБ настан тукa