Мртви гулаби и совети од ангели: методите на лажните британски доктори

Тим од Универзитетот во Кембриџ транскрибирал белешки на познат самоук доктор Сајмон Форман, кој ја започнал својата кариера откако наводно самиот се излечил од чума.

Техниката на користење тн. „влечки од гулаби“, односно мртов гулаб кој е пресечен и исушен така за да може да се постави под стапалото, е еден од необичните „лекови“ откриени од тим од истражувачи, кои минале цела деценија проучувајќи илјадници медицински документи на двајца контроверзни британски надрилекари од елизабетанскиот период.

Сајмон Форман бил самоук доктор и астролог кој почнал да се занимава со медицина откако божемски се самоизлечил од чума во 1592. Критикуван од останатите, асли лекари, тој воспоставил астролошка практика, тврдејќи дека може да дијагностицира и да излечи сè, читајќи ги ѕвездите. Неговиот протеже, Ричард Напиер, продолжил со овој метод по смртта на Форман во 1611. Четири години подоцна Форман бил постхумно обвинет во озлогласениот „Случај Овербери“, кога со арсен бил отруен поетот Томас Овербери.

За Форман најмногу дознаваме од неговите автобиографии, кои вклучуваат и сведоштва од прва рака за изведбите на Шекспировите драми на кои присуствувал. Заедно со Напиер, тој исто така напишал детални белешки за 80.000 пациенти кои ги третирал, кои содржат датуми, имиња и локации, како и детали за болестите на клиентите. За жал, документите кои се чуваат во 66 томови подврзани во кожа во оксфордската библиотека Бодлиан се речиси нечитливи.

Сепак, по деценицскиот труд на истражувачите од Кембриџ се успеало во транскрипција, уредување и дигитализирање на 500 случаи, кои денес, 16.05, ќе станат достапни онлајн.

Има тука разни интересни приказни, од извесна Џоан Броадброк која мислела дека нејзините деца се стаорци и глувци, Едвард Кливер кој „боледувал“ од срамни мисли како резултат на магија од сосетка, извесен Џон Вилкингсон, кој оќелавел заради „француската болест“ (сифилис), или тажната приказна на Алис Вудвард која родила 7 деца но сите умреле на породувањето. Напиер за сите случаи барал второ мислење од ангели, чии дијагнози се исто така запишани. „Набргу ќе умре“, му кажал еден дух-колега за некој случај. „Не треба да се занимаваме со него“, му советувал архангел Михаил за друг.

Освен хаотичноста на запишување, проблем на истражувачите биле и стилот и јазикот на Форман, кој е „необично архаичен“, како премногу да читал средовековни ракописи. Остануваат уште илјадници страници со мистериозни астрални симболи, рецепти за чудни еликсири и детали од животите на лордови и слугинки, кои страдале од куп болести, од кучешки каснувања до скршени срца. Комплетот материјали, кои ги содржат сите 80.000 случаи, во оригиналниот ракопис на астролозите, се достапни онлајн на истиот сајт.

16 мај 2019 - 08:09