Тестирајте се дали сте луѓе што сакаат да се тестираат

Мрачната привлечност на онлајн-тестовите

„Која светска метропола сте?“. „Кој тип италијанска паста?“. Ваквите тестови кои често знаат да искрснат на Фејсбук и наивно да бидат кликнати од досада, всушност не се толку наивни. 

„Јас сум реката Дунав. Мојот дух е брз и сјае. Копнеам по нови искуства и длабоки врски со други луѓе. Прилагодлив сум, но но имам и маана - ретко ја гледам опасноста пред мене. Способен сум за неверство без голема грижа на совет. Исто така ме бива за керамика“.

Вака гласи еден од резултатите на „Запознај се себеси онаков каков што си навистина“, најстариот и најдолгиот тест за проценка на типот на личноста. Објавен во 1936, тоа е всушност книга од 336 страници, коja читателите ja пополнувале во домашни усlови, надевајќи се на „рентгенски скен“ на својот карактер. Меѓу другите необични прашања кои ги содржи, има и такви како „Дали некогаш сте почувствувале како е да стоите вон вашето тело?“ или „Што мислите за млеко со кајмак?“.

На крајот од процесот, врз основа на одговорите, книгата нуди 15 личносни категории со имиња на реки - Нил, Сена, Темза, Мисури - секоја со свои описи. Опишана како Фројдовска верзија на „Одбери си ја својата авантура“ (асоцијација на интерактивна серија книги за деца), таа е популарна и денес. Само што нема повеќе од тристотини страници, не е секогаш според реки, планини или езера и, и е онлајн.

Привлечноста на тестовите за тип на личност е огромна - денес Фејсбук „фидовите“ се полни со такви прашалници кои би требало да ви кажат во кој град би требало да живеете, кој политичар би биле, или кој уметнички правец. Но овие квизови имаат и мрачна страна, која нивните аналогни претходници ја немале. Во текот на изборите во САД, на пример, една компанија за анализа на податоци под името Кембриџ Аналитика (*зошто сите вакви чудни фирми мораат да имаат „Кебриџ“ во насловот?) најмена од Трамп се фалеше дека ги искористила ваквите прашалници за да добие лични информации за дури 230 милиони американски гласачи. Целта - создавање дигитални профили кои можат да предвидат и да ги експлоатираат американските вредности, стравови и политички наклоности. Наречено и „психографско“ рекламирање, ова е навистина, како што ветува, огледало на вашето јаство, онакво какво што навистина е. Но огледалото во случајов е двострано.

Никој не знае кога прв пат се појавиле ваквите тестови во популарната култура. Во САД тие станале модерни на крајот на 19 век, кога дамските магазини и жолтиот печат во нив виделе начин подобро да се продаваат. Од тогаш до денес нивната популарност е константна, од квизовите во Космополитан од 1960-тите и 1970-тите, до денешните БазФид квизови.

Но длабинските психолошки проценки всушност имале сосема поинаква цел. Во првата половина на 20 век, на пример, нивната цел било скенирање и категоризација на вработените во индустријата. Иако голем број од нив во меѓувреме се отфрлени како ненаучни па дури и дискриминирачки, голем број од компаниите се уште ги користат, веројатно затоа што тие обезбедуваат барем прелиминарни податоци за вработените. Познатиот Мајерс-Бригс тест, на пример, иако научно ја загуби релевантноста, се уште го користат над 10.000 американски компании, 2.500 колеџи и универзитети и 200 владини агенции.

Популарните тестови за тип на личност оттаму претставуваат некаква мешавина на забава и наука која нуди илузија на вистина или потенцијална вистина, како што тоа го прават хороскопите. Исто како и „Запознајте се себеси“ на времето, чии ко-автори, британскиот писател Вилијам Герхарди и шпанскиот аристократ принцот Леополд Ловенштајн (чиј син, патем, стана финансиски менаџер на Ролинг Стоунси) го правеле токму истото - кокетирале со ветувања за длабоки вистини и гарантирале забава.

Како и оваа книга, така и тестовите, никој не ги сфаќа крајно сериозно. Па сепак, скоро сите ги прават. Причини? Нарцисоидност, барање смисла, досада. Едноставно луѓето сакаат да зборуваат за себеси, па макар и со некаква книга или со компјутер. Но има разлика помеѓу тест кој нуди „длабоки и револуционерни откритија“ и таков кој ви го кажува истото она што вие веќе сте му го опишале (одговарајќи на прашањата) само сумарно и стилски посуптилно. Второто помага да го артикулирате подобро она што веќе го знаете за себе, да му дадете структура и да ја најдете својата „ниша“ во различните шеми на мислење, чувствување и однесување, во таа хаотична мрежа на тенденции и навики кои се формирани преку комбинација на биологија, предиспозиции и научено однесување. Покрај суетата, нарцизмот и наивната забава, правењето ваков тест знае да помогне во размислувањето дали нашето искуство се разликува од она на другите, и кои сме всушност ние. Во оваа смисла тие можат да бидат корисни или барем неутрални. Освен доколку некој не ги искористи тие податоци за други цели. Во таа смисла целиот интернет наскоро можеби ќе стане еден голем тест на личноста. Тогаш ќе ви дојде згодно ако сте Дунав - прилагодлив и лежерен во својот тек.

Извор: Атлантик