Мартин Лутер Кинг

Моќта на џезот

Денес, 21.10, завршува уште едно, 38-мо по ред издание на скопскиот џез фестивал. Оваа година од сцената на МОБ беше испратена порака на солидарност со бегалците низ светот. И не е необично што џез музичарите чувствуваат обврска нивната музика да послужи и за социјален ангажман, затоа што овој музички жанр е и роден како реакција на опресија.

Кога ќе се спомене говор на Мартин Лутер Кинг, првата асоцијација е поврзана со оној кој ја содржи реченицата „Јас имам сон“, одржан на 28 август 1963 при маршот кон Вашингтон, во знак на протест против расизмот и економската нееднаквост. Но помеѓу музичарите особено значаен е неговиот говор одржан на отворањето на Берлинскиот џез фестивал во 1964, во кој Кинг зборува за џезот како за форма која вдахнува „нова надеж или чувство на триумф“. Кога животот не нуди ред или смисла, музичарот ги создава истите од звуците кои течат низ неговиот инструмент. „Кога е така, не е чудно што токму џез музичарите се оние кои ја помагаат потрагата по идентитет помеѓу американските црнци“, вели Кинг во говорот.

Но џезот не само што овозможувал некаков ред во „комплицираното урбано искуство“, туку нудел и значајна емоционална поддршка за Движењето.

„Голем дел од моќта на нашето движење за слобода во САД произлегува од музиката. Таа нè има задоено со слатки ритми секогаш кога храброста ни била нагризана. Таа нè има смирувано со своите богати хармонии секогаш кога ни клонел духот“.

Универзалните нешта во светот, кои ги спојуваат луѓето е тоа што секој копнее да даде љубов и да ја прими. Секој сака да ракоплеска и да биде среќен. Секој сака да има верба. А според Кинг, џез музиката е патот до сите овие нешта, затоа што зборува во корист на животот дури и среде смртта и поразот.

Во долното видео целиот говор прочитан од уметници од Сан Франциско Беј, по повод прославата на роденденот на Кинг од 2012.

21 октомври 2019 - 15:48