„Мојата генерација“: сер Мајкл Кејн сними документарец за ’60-тите

„Е деца, у мое време..“. Кејн ги има и годините и харизмата за вака да ги почнува речениците. И реално да има што да раскаже. Оттаму и не е чудно што решил да сними филм на оваа тема.

Кејн денес има 84 години, а зад него 127 филмови, меѓу кои и неколку антологиски. Шест пати е номиниран за Оскар, а два пати го има добиено. Сега е наратор и копродуцент на нов документарец, „Мојата генерација“, кој зборува за Лондон во 1960-тите.

Во интервју за Гардијан пред премиерата на 16 март тој ја открива инспирацијата и имињата на голем број луѓе што се појавуваат во филмот, иако не во традиционалниот стил на интервју.

Поттикот да се работи филмот дошол од Сајмон Фулер, креаторот на франшизата „Идол“ и менаџер на куп артисти како Спајс грлс, Ени Ленкос и Ејми Вајнхаус, кој за време на вечера со Кејн толку се интересирал за тоа како било некогаш, што на крај предложил заедно да снимат филм на оваа тема. Процесот траел неколку години, но го истуркале. Добрата страна е што Кејн уште има одлична меморија, па имало дури и премногу материјал. Документарецот сега има шест дела, а во него се појавуваат ликови како Пол МекКартни, Роџер Далтри, Твиги, Џоан Колинс. Сепак, во филмот се слушаат само нивните гласови, за како што вели Кејн, гледачот да не биде опседнат со мисли како „види го овој остарел, оваа ама се здебелила“.

Она што според него го уништило хедонизмот на крајот шеесетите биле дрогите - оние на кокаин постојано и пребрзо зборувале глупости, а оние на хероин стонирале без ништо да зборуваат. Самиот Кејн вели дека има пробано марихуана само еднаш, и се смеел со часови, до толку што за малку не добил кила.

Пред овој лефтерен период живото на Кејн не бил толку лесен - во текот на Втората светска војна бил евакуиран и шест години чекал телеграма за тоа дали татко му е жив или мртов. Во младоста и самиот бил војник, прво во состав на окупациските сили во Берлин, потоа во Кореја. Бил сведок на првите емитувања на поп музика на Би-би-си, на живи свирки во барови, како оние на Битлси, експлозијата на поп културата и напливот на децата од работничките семејства насекаде, кои станале главни двигатели на социјалните случувања.

За некој со ваква историска меморија навистина е штета да не остави запис за она што го поминал, како и за поширокиот социјален контекст. А за среќа, неговата актерска генерација има што да работи денес, со оглед на тоа што филмовите за постари луѓе се „модерни“. Оваа недела тој полни 85 години, а е роден во ист ден и ист час со Квинси Џонс, кого го нарекува „небесен близнак“. Со него го прославиле осумдесетиот, а овој сега го организира жена му на Кејн, и ќе биде изненадување. Во меѓувреме не се откажува од актерството и пишувањето книги, а новата ќе биде за тоа како е да си ѕвезда. Според сето наведено, изгледа не е лошо.

12 март 2018 - 08:14