Mеталика објавува детска книга

Насловот е „АБЦ на Металика“, а ја раскажува историјата на бендот, истовремено подучувајќи ја англиската абецеда. Средствата од продажбата се наменети за хуманитарни цели.

Малку е необично кога метал бенд познат по наслови на песни како „Лепрозниот месија“ или „Мојот другар, мизеријата“ (плус целиот пакет стереотипи кои важат за метал музичари, од дроги до палаво однесување), ќе најави дека влегува во светот на детската литература.

Илустрираната книга „АБЦ на Металика“ ќе биде објавена на 26 ноември, а приходот од продажбата ќе оди во корист на хуманитарната фондација на бендот „Сè во моите раце“. Автор на книгата, во тим со бендот, е Хауи Адамс, а илустрирана е од Мајкл „Кејвс“ МекЛир.

Идејата е секоја буква на абецедата да ги опишува важните моменти во текот на кариерата на бендот, од албумите до интересни факти поврзани со него.

Нивниот последен албум - десетти во нивната 38 години долга кариера - беше Hardwired...to Self Destruct од 2016, кој се продаде во 5 милиони копии и беше номиниран за Греми.

12 јули 2019 - 15:11