Масив Атак издадоа албум во нов формат: ДНК

По повод 20-годишнината од прекрасниот „Мезанин“, бендот го енкодираше албумот во нишки синтетичка ДНК. Еден спреј може да содржи околу еден милион копии.

Koга беше објавен, пред две децении, „Мезанин“ на Масив Атак беше првиот албум пуштен на бесплатен стриминг. Од тогаш наваму неговите мрачни и хипнотички семплови извршија огромно влијание врз музиката. За да го одбележат неговиот 20ти роденден, Бристолчаните нудат уште едно светско деби: ре-објавениот „Мезанин“ e прв албум во форма на енкодирани нишки ситентичка дезоксирибонуклеинска киселина.

Станува збор за ограничен број спрејови кои можат да содржат околу еден милион ДНК примероци на албумот. Секоја копија е „преведена“ во вкупно 920.000 ДНК фрагменти, а потоа складирана во мали стаклени топчиња - процес за кој се потребни повеќе од два месеци. Придружен материјал ќе биде и уметничка слика на членот на бендот, уметникот Роберт Дел Нajа, направена со мастило кое ја содржи ДНК-та на „Мезанин“.

„Четирите ДНК бази - аденин, цистозин, гванин и тимин - се кодирани во бинарно дигитално аудио. Доколку го прснете спрејот на ѕид, потоа го истругате и го анализирате во соодветни услови, би можеле да го пуштите албумот - секако кога ќе биде достапен и соодветниот носач на звук“, објаснува Дел Нaja.

Бендот работел со научници во ТурбоБидс, комерцијална спин-оф компанија составена од научници, инженери и математичари од универзитет во Цирих, кои прилагодиле технологија чиј пионер бил американскиот биотехнолог Крег Вентер.

Ова не е прв случај на претворање на уметност во нишки на ДНК. Претходно пишувавме за тоа дека научниците од Кембриџ успеале да ги сместат сите 154 сонети на Шекспир во човечка ДНК, па за тоа дека Мајкрософт ја впиша „Војна и мир“ на ДНК, како и дека научници складираа подвижни слики во бактерија. ДНК како складиштен простор има огромен потенцијал - еден милиграм молекула може да го складира комплетниот текст на секоја книга во Конгресната библиотека, и да остане место фазла. Но трошоците за кодирање во моментов се релативно големи - 650.000 долари за само 20 мегабајти.

Исто така е скап и декодерот, кој во моментов е со големина на УСБ стикче и чини околу 75.000 британски фунти. На еден таков, од брендот МинИОН, би му требало скоро една недела и моќен компјутер за да го отсвири Мезанин. Но Масив Атак се визионери и работат на она што ќе се случува во идните 20 години, кога нивниот антологиски албум - сигурни сме - ќе звучи исто толку добро.

22 октомври 2018 - 17:51