Јерговиќ за Ајлан ал Курди

Малото тело со голема порака

Текст кој не е лесно ни да се чита, ни да се преведува со замаглени очи. Истите оние со кои ги гледаме фотографиите поврзани со него, на тој начин учествувајќи во реалноста на една детска смрт, неподнослива за секој кој има душа.  

автор: Миљенко Јерговиќ

На плажа, во летовалиштето Бодрум, со лице во песок, лежи момчето Ајлан ал Курди. Гледајќи ја сликата читателот најпрвин чувствува силен порив да влезе во фотографијата и детето да го сврти на грб. Иако е мртво, и не може да биде ништо друго освен мртво, неподносливо е да се гледа со лице во песокот. Го вртиме на грб не затоа што така ќе му помогнеме, ниту затоа што сме добри луѓе. Не го правиме тоа заради него, туку заради себе. Така си ја олеснуваме совеста. Детето на сликата ни лежи на совест - на песокот на нашата совест - затоа што го гледаме на фотографија, а дури потоа и заради сето останато. Тоа е она што нашата цивилизација, и нашата најприватна човечност, ја доби сега со веќе дамнешниот изум на фотографијата: сè што е на сликата, тоа е веднаш потоа во нас, сè што е на сликата, тоа ни е на душата, и што е најважно, истовремено присуствуваме на она што е на сликата или во филмот. Фотографијата е преслична со реалноста, а објективот пресличен на окото, за нашата душа да го разликува светот од сликата, од светот во којшто моментално се наоѓаме. Затоа детето Ајлан ал Курди е туа меѓу нас, и затоа неговата смрт ни е неподнослива.

На втората слика, снимена во летовалиштето Бордум, турски полицаец го носи на раце. Машка Пиета. Иконографска, симболична слика. Неговото лице е благо, речиси насмевнато, вилицата цврсто стегната. Човек понекогаш и не е свесен за она што му се случува. Да е, би се распаднал, за повеќе да не се состави. Главата на детето му паѓа преку левата подлактица, така што го гледаме само неговиот врат и брадата. Детските рачиња се обли, мртвите прсти очекуваат движење кое нема да го има, панталоните до под колена и црни патичиња, број 29-30. Кожата на голите потколеници е бледо сива, а таа кожа е единственото нешто на сликата којашто делува утешно. Затоа што е обична, морничава кожа на кој и да е мртовец. Тоа веќе не е Ајлан ал Курди. Да се обидеме да заборавиме на него.

Третата фотографија е снимена порано. На неа Ајлан е со постариот брат Галиб и со бело кадифено мече. Двајцата се со маици со долги ракави, онакви какви што родителите им облекуваат на своите деца низ светот, на кои има шарени зборови на англиски. На маицата на Галиб во прв план е зборот Life. И него морето го исфрли на некоја од волшебните песочни плажи на Бодрум, каде песокот е ситен како брашно. Од тој песок се градат совршени кули. И убаво е да одиш бос по плажите на градот Бодрум. Двајцата браќа се смеат, веројатно ги фотографирал некој познат, таткото или мајката. Родителите сакаат кога децата им се смеат на слики. Мислат дека се среќни ако се смеат.

Ајлан и Галиб ал Курди, нивната мајка и уште девет роднини и сопатници умреа кога на немирното море им се преврти кајчето со кое се обидоа да се спасат од Сирија. Во нивното презиме е содржана нивната националност. Беа Курди и не можеа да бегаат ни кон југ, ни кон исток, ни кон север. Само кон запад, преку морето. Во нивните соништа и очекувања на Запад немаше благосостојба. На Запад за нив беше оној збор од маицата на Галиб. Мора да е многу болно да се биде бесчувствителен како Кајин и Орбан, па да не сфатиш една толку едноставна работа.

Ајлан ал Курди, неговиот брат, нивната мајка, роднини, нивниот курдски народ, како и сите оние луѓе, жени, деца, мажи и народи, сите муслимани, кои преку морето и копното пристигнуваат во Европа, не се, и не можат да бидат мигранти. Само расистите и фашистите можат така да ги нарекуваат. Според дефиницијата на ОН, мигранти се луѓе кои од економски или приватни причини се обидуваат да се преселат од едно на друго место. За разлика од бегалците кои бегаат пред војна, прогон или погром. Тие луѓе бегаат и пред војната, и пред прогонот и пред погромот. Сите тие. Приказната за нивните прогонувачи е многу сложена, и се шири од војници на Исламската држава, исламски клерофашистички фанатици, преку Стејт департментот и Барак Обама, кој систематски делуваше на уништувањето на нивните татковини, Обамините европски сојузници, до сите нас кои во весниците ја видовме сликата на мртвиот Ајлан ал Курди со лицето во песокта, и почувствуваме потреба да влеземе во фотографијата и детето да го свртиме на грб. Ние учествуваме во нивниот прогон исто како што во прогонот на европските Евреи учествувале граѓани на сите оние земји кои одбивале да ги примат еврејските бегалци. И уште многу повеќе од тоа: ние во прогонот на Ајлан ал Курди учествуваме уште поинтензивно, затоа што пред очи ни се сите тие фотографии и телевизиски снимки. Залудно е да се затвораат очите. Таквите слики минуваат и низ спуштени капаци.

Плажата на која со лицето в песок лежи мртвото момче му припаѓа на едно од најубавите медитерански летувалишта. Според гостопримството со Турците можеби можат да се мерат уште само Грците. Истиот свет, истиот Левант. Бодрум е древен антички град, впишан во свеста и потсвеста на европската цивлизација. За време на стара Грција бил познат како Халикарнас, во време на Византија Петрониум. Тука се наоѓало едно од седумте светски чуда на античкото доба: гробницата на кралот Мавзол (по кои го добиле името сите мавзолеи на светот). Тоа бил најимпресивниот споменик на смртта кој светот го имал видено.

Ајлан ал Курди нема да има свој споменик. Би му го направил брат му Галиб, но и тој нема да има таков. И нема баш никаква симболика ни смисла во тоа што морето ги исфрли на плажата на кралот Мавзол. Но тука во Бодрум, во Халикарнас, се родил уште еден важен човек, кој ќе ги теши мртвите браќа, а нас ќе нè спречи да ја сокриеме својата одговорност и срам. Неговото име е Херодот. За време на животот тој го пропатувал целиот познат свет, бил во Скитија и Тракија, во Египет, Персија и Вавилон, и ја напишал големата историја за тие варварски земји. Потоа патувал по Грција, и своите истории ги читал јавно. Луѓето го слушале, онака како што денес гледаат телевизија, сурфаат по интернет и читаат весници. Никој како Херодот не ја проширил свеста во античка Грција за другите и поинакви светови. Нему Ајлан не му бил далечен, не пристигнувал од варварски земји, Ајлан и Галиб биле блиски комшии на Херодот. Момчиња под неговите прозорци, кои вреват додека тој попладне се одмара.

Но има и нешто многу поважно. Херодот не се занимавал само со просторот, туку и со времето. Се занимавал со минатото, и бил прв кој почнал да ја проверува фактографската веродостојност на своите приказни. Така ја создал историографијата, но и самата историја. Тој, и никој друг, е гаранција дека вистината за Ајлан и Галиб ал Курди ќе биде раскажана, и сочувана за сите времиња. А со неа и вистината за неизмерниот срам на нашата генерација. Бог сè гледа и сè знае. Неговото знаење е историја.

Смртта на Ајлан ал Курди нема да ни биде простена. За тоа служат фотографиите. Фотографскиот објектив е око на човечката совест. Затоа ваквите слики треба да се објавуваат во весници. Затоа нив би требало да ги гледаме на билборди. Тие се неподносливи за секој кој има душа. Нивната неподносливост е едно од ретките ефикасни оружја на миротворците. Овие слики, заедно со нас, ќе ги видат Кајин и Орбан, ќе ги види целиот свет. Тие се поглавја од Херодотовата историја. Само неподносливоста на тие фотографии, и на сите идни уште пострашни и болни фотографии, би можеле да го наведат светот на реална солидарност. На Ајлан и на Галиб не им биле потребни бегалските центри опашани со бодликава жица, не им била потребна ни економската благосостојба на која Европејците се толку страшно љубоморни.

Им требал нивниот дом, кадифеното мече, фотографскиот апарат, им требале нивните маици со шарени латинични букви, и со бесмислените англиски натписи, им требал живот како што живееле и нивните родители. А тој живот не се разликувал премногу од сите наши животи. Во варварските земји Херодот откривал нам многу слични и блиски луѓе. Па сознанијата за нив им ги пренесувал на сите кои сакале да го слушаат. А го слушале сите. Таква била античка Грција.

Беше 1943 година кога Хана Арент во списанието The Menorah Journal објави текст под наслов „ние бегалците" во која прва проговори за бегалците како можна парадигма на новите Европејци. „Бегалци прогонети од една во друга држава претставуваат авангарда на својот народ". Педесет години подоцна, при крај на војните поврзани со распадот на Југославија, италијанскиот филозоф Џорџо Агамбен, повикувајќи се на текстот на Арент, напиша: „Освен што се јавува како актуелен проблем, како во Европа, така и насекаде, бегалецот е и во контекст на незапирливата ерозија на нацијата-држава и генералното распаѓање на традиционалните правно-политички категории, можеби единствената фигура на човекот на нашето време која може да се замисли".

За кого, по Исус, со толкава сигурност би можело да се каже дека умрел за сите нас, како за Ајлан ал Курди, момчето со лицето во песокот на бодрумската плажа?

5 септември 2015 - 10:28