960 страници, повеќе од 6 кила

Луксузно издание на сите стихови на Дилан

Воочи утрешното прогласување на добитникот на Нобел за книжевност, Боб Дилан објавува книга-капиталец, која тешко дека може да ја тркалаш како камен, а нема шанси ни да ја дувне ветар. Може сака да порача - ако покрај толку муабети дека ќе ја добијам пак не ми ја дадете, сега бар имам со што да ве мавам по глава. 

Ако некој некогаш помислил дека стиховите на Дилан се „тешки", сега има и физички доказ за тоа - новото издание на неговите собрани дела има 960 страници и тежи нешто повеќе од 6 кила. Цената му е 200 американски долари, а тиражот 3,500 примероци. Само 50 копии потпишани од г-дин Дилан ќе имаат и картонска кутија и позлатени страници - ваквиот примерок чини 5,000 долари.

Според претседателот на Сајмон и Шустер, ова е најскапата книга која некогаш ја издале. Потпишаното издание може да се нарача од dylansignedbook.com, а оваа „поевтинава" веќе ја има по книжарници.

Претходната збирка е со наслов „Стихови: 1962-2001", но оваа се разликува по тоа што Кристофер Рикс, книжевен историчар од Бостонскиот универзитет, ги уредил стиховите и напишал долг, филозофски вовед. Сестрите Лиза и Џули Мероу се авторки на луксузниот дизајн. Песните се наредени хронолошки, а ги вклучуваат и алтернативните верзии кои се дел од „бутлег" серијата на Дилан. Репродуцирани се и сите корици на албуми, и од напред, и од назад.

Рикс го објаснува концептот со следниве зборови - „да му се помогне на окото да го види она што го слуша увото". Тоа меѓу другото значи дека ако некој стих е долг во пеената песна, и во онаа на хартија не се „сече", туку се остава да трае, па макар и ја зафатил целата страница сосе маргините. Книгата според него е истражувачко дело, но исто така е и за оние кои едноставно ги сакаат песните на Дилан. И имаат 200 долари да потрошат на неа.

8 октомври 2014 - 16:17