Комунизам за деца

„Си беа еднаш едни луѓе, и сакаа да се ослободат од лошиот капитализам. Како можеа да си ги остварат соништата?“ Вака почнува нова книга која се обидува да им ги приближи вистинските идеи на комунизмот на новите генерации, растени на капитализам.

Структурата на бајките, со нивните архетипски ликови и универзално применливи пораки (кои по потреба можат и малку да се „насочуваат“) се идеален „контејнер“ за пренесување педагошки пораки. Идеолошкото индоктринирање преку приказни за деца важи за сите времиња и култури, а оние повозрасните се сеќаваат на таквата пракса во социјализмот. Но дека таа не е мртва, и дека потребата за промовирање на идеите на комунизмот некои ја чувствуваат и денес, покажува нова книга на политичкиот теоретичар Бини Адамшак, „Комунизам за деца“, која излезе неодамна во издание на Ем-ај-ти прес.

Бидејќи „комунизам“ сепак не е еднозначен термин, и има доживеано и различни теориски и практични примени, авторот уште на почетокот истакнува дека „оваа мала книга предлага различен вид комунизам, таков кој е доследен на своите идеали и ослободен од авторитарност“.

Истовремено, тој признава дека ги користи стапиците на бајките и на препознатливите ликови на љубоморни принцези, фенси мечеви, експлоатирани селани и уморни работници, како и еден голем казан наречен „државата“, за да ги пренесе своите пораки.

„Малите слатки револуционерчиња преку оваа книга ќе се запознаат со историските фази кои недвојбено водат до комунизам. Без да го почувствуваат тоа, читателите учат за економската историја на феудализмот, класните борби во капитализмот, различните сфаќања на комунистичкото уредување итн.“

Адамшак, за волја на вистината, ги претставува и претходните неуспешни обиди за примена на комунистичките идеи во пракса. Но сонот за него е уште жив, па книгата завршува со ставот дека „комунизмот се уште може да создаде подобар свет“.

11 мај 2017 - 14:36